Филмот на Гоце Цветановски кој освојува бројни награди на фестивалите ширум светот, конечно ќе може да го погледне и домашната публика. Во 3Д киното во Битола ќе се прикаже на 10.10.со почеток од 20:00ч.
Улогите во филмот ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски. На премиерата на филмот ќе присуствува и Цветановски заедно со актерката Слаѓана Вујошевиќ, актерот Исмаил Касуми, како и композиторот Димитар Андоновски кој стои зад музиката во филмот. Ова е филм за љубовта и пријателството, за тоа што значи да изгубиме некој и како се справуваме со оваа загуба. Истовремено обработува една многу важна тема – политичката димензија на сексуалната трговија. Дебитантскиот филм на режисерот Гоце Цветановски се врти околу новинарката Елени, која е опседната со исчезнувањето на нејзината најдобра пријателка што станала жртва на сексуална трговија. Новинарката подготвува тајна операција за да ја разоткрие криминалната мрежа. Но, како што нејзините соучесници се приближуваат до шефот, ситуацијата излегува од контрола и тие се борат да излезат живи. Директор на фотографија е Фејми Даут, кој е и добитник на наградата за најдобра камера на десеттото издание на „DEA OPEN AIR International Film Festival“ во Тирана за истиот филм. Филмот во својата меѓународна фестивалска година заобиколи пет континенти, се закити со 32 селекции и доби 10 награди, од кои пет за најдобар филм. Тука се и: наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ во САД, највпечатлив филм во Седона, Аризона и многу други.