Home » Битола центар на светскиот фолклор-свечено отворени 53.Илинденски денови

Битола центар на светскиот фолклор-свечено отворени 53.Илинденски денови

by culturalchat

Со дефилето по Широк Сокак и со изведба на Комитското, по 53 пат вчера светскиот фолклор се славеше на Илинденски денови во Битола . Над 1.200 гости од Ирска, Италија, Мексико, Чиле, Грузија, Хрватска, Србија, Бугарија и Македонија ќе настапат на многу локации низ градот, претворајќи ја Битола во отворена сцена во следните неколку денови. Ова е фестивал кој трае вкупно 13 денови и има испланирано 60 настани, како културно ехо на манифестот од 1903- а годинава се одржува под мотото “Отворен круг”.

Големото дефиле „Со песни и игри низ битолските улици”, на „Илинденски денови“ ја прокламира племенитата мисија на илјадници народни уметници да се  преслика автентичната вредност на културното наследство на идните генерации. За градот домаќин и организаторот овој фестивал над половина век е печатот на нашиот идентитет. Место каде го споделуваме своето и го уважуваме туѓото во духот на Гоцевата мисла.

Градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, посакувајќи им топло добредојде на учесниците, истакна дека и за ова фестивалско издание долго ќе се раскажува.

„Убавината на еден град е во неговата моќ, низ најголемите вредности од минатото, да ја претстави историјата и низ песна, музика, игра и уметност да ја заживее сегашноста. Битола, по 53-ти пат, претставувајќи ја традицијата, ги оживува мелодиите на годините кое останале зад нас, вклопени во потребите на новото време, кое значи инвентивност, но и неопходност да се сочува печатот на културите од овие простори.
Меѓусебното споделување, секогаш значи и себепромоција, но и учење за вредностите на другите народи, меѓусебно подобро разбирање и почитување.
Само преку промоција и поттикнување на културниот развој, можеме достојно да го сочуваме споменот и да дадеме пример за младите генерации – нашите идни промотори.
Овогодишниот „Отворен круг“ на Републичкиот фестивал на народни игри и песни, продолжува да биде инспирација за творештво, собирајќи ги на едно место домашните ансамбли, но и боите и ритмите на 8 земји од светот“.
Центарот за култура е носител на оваа култна манифестација за македонската култура. Директорката на оваа културна установа Маја Андоновска Илијевски рече дека фестивалот ги инспирира младите генерации да продолжат да творат и да покажат интерес за фолклорот како едно од нашите главни обележја.

Фестивалот за отворен го прогласи потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски,а на присутните им се обрати и Енрик Мердих од ЦИОФФ. На првата вечер се претставија: Ансамбл „Македонија“ Скопје,КУД „Русалии“ Секирник,ФА „Цветови“ Дедино, ФА „Бисер“ Кичево, КУД „Тена“ Џаково, Хрватска, како и групите од Ирска, Чиле и Грузија.

До 31 јули, градот ќе наликува на една голема сцена, со 65 настани на различни локации.  Фестивалот „Илинденски денови“, кој е дел од програмата на Битолското културно лето Битфест, 15-то по ред и годинава ја отсликува заложбата на локалната самоуправа, да даде поддршка на вистинските културно уметнички вредности.

“Илинденски денови” отсекогаш бил отворен круг за уметници, љубители на традицијата, нови кадри. Луѓето што го востановиле овој фестивал секогаш гледале подалеку, иако некои мислат дека гледале кон минатото, но минатото е секогаш учител за нашата иднина. Цели 53 години фестивалот настојува да ја продолжи традицијата живо да егзистира меѓу народот. Фестивалот во последните години целосно се отвори кон светот, благодарејќи на добивањето на сертификат на интернационален CIOFF фестивал и со тоа влезе во семејството на  CIOFF (International Counsil of Organizations of Folklore Festivals and Folklore Arts)  официјален партнер на УНЕСКО, формиран во 1970 година, кој работи за заштита, промоција и ширење на традиционалната култура на глобално ниво.

“Илинденски денови” е амбасадор на македонската култура во светот. Фестивал што започна скромно како републички фестивал на народни песни и игри пред повеќе од половина век, а прерасна во интернационален и е единствен фестивал од Македонија што е во елитата на фолклорни фестивали во светот.

 

 

 

 

Related Articles