Со прием на претставници од општинската организација на Сојузот на борци во кабинетот на градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, утрово започнаа општинските активности, по повод одбележувањето на „4 Ноември“ – Денот на ослободувањето на Битола.Активностите продолжија со положување на свежо цвеќе пред Споменикот на НОВ и Револуцијата пред Центарот за култура, од страна на градоначалникот Тони Коњановски, претседателката на Советот, Габриела Илиевска, советници од Советот на општина Битола, Сојузот на борци, претставници на политички партии и делегации од збратимените градови. Свежо цвеќе по повод денешниот празник беше положено и на Споменикот на Стив Наумов и на Партизанските гробишта во Битола. Градоначалникот Коњановски, потсетувајќи на значењето на овој датум, испрати честитка до сите граѓани на Битола: „Денес имаме голем ден, голем празник и јубилеј за Битола – 80 години од ослободувањето на градот. Денес оддаваме должна почит кон хероите кои ги дадоа животите во народноослободителната борба, а наша должност е да не го заборавиме нивниот спомен и истиот да остане запаметен и од младите кои ќе продолжат заедно со нас повозрасните во обновата на Битола. Нека ни е честит големиот јубилеј – 80 години слободна Битола! “, изјави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски. Градоначалникот Коњановски, организираше прием и за делегациите од збратимените градови Пожаревац од Србија, Херцег Нови од Црна Гора и Плевен од Бугарија, кои по повод Денот на ослободувањето на градот гостуваат во Битола. По повод денешниот празник, вечерва со почеток во 19:00 часот во Центарот за култура ќе се одржи Свечена академија на која ќе се доделат наградите за едногодишни достигнувања и наградата за животно дело, по што ќе следува културно уметничка програма во организација на Општина Битола.