По повод Интернационалниот ден на детето (International Children’s Day), СКК. Вертикал Ве поканува на свечено отварање на Болдер – ѕид за качување со трибина за детски и младински спортско-уметнички дејности.
По примерот на светските трендови, сега и Битола добива свој Болдер – ѕид за качување за деца и млади до 18 години, чиј концепт и мото е: „Преку ангажирана забава до спорт и култура“. Пред официјалното отварање, СКК. Вертикал организираше промо качување за деца и млади до 18 год. во Градскиот парк во Битола, настан кој со воодушевување беше прифатен од најмладите пред се.
„Целта на овој проект е да ја покрене свеста за содржините кои ни се потребни во јавните простори, бидејќи нишалки, лизгалки и тобогани не се единствен начин за забава на деца“, истакнуваат од Вертикал.
Токму овој Болдер-ѕид за качување ќе придонесе за афирмација на еден поинаков начин на забава, па децата на активен начин – преку игра, ќе имаат можност да стекнат спортски вештини, да го развиваат спортскиот дух, па и да станат врвни спортисти – амбасадори на нашиот град и држава. Со качување се ангажираат сите физички и ментални капацитети, а со тоа децата и младите добиваат правилен психо-физички развој, но и јакнење на нивната самодоверба, храброст и решителност.
Самиот Болдер претставува benchmark во просторот, дури и симбол во иднина, препознатливо место за собирање на деца и млади. Болдер трибината концепирана е да не служи само утилитарно со една функција – качување. Благодарение на нејзината контрадикторна геометрија, може да се перцепира како скулптурална инсталација во просторот. Едната страна е Low Poly (faceted), t.e. испрекршена, додека другата е ортогонална. Геометриската страна е наменета како надворешен болдер-ѕид за качување. Од другата страна, т. е внатрешната, се појавува еден мал амфитеатар – трибина за седење, одмарање, читање, театарска претстава, концерт.
Официјалното отворање е на 1- ви јуни во Градскиот парк Битола (наспроти ресторан Император), со почеток од 12 часот, а пред тоа ќе има повторно промо качување за деца и млади до 18год. од 11.30ч.