Бимилк и НУ Народен театар Битола, воспоставија партнерство насочено кон поддршка на културата, уметноста и развојот на локалната заедница. Партнерството беше официјализирано со потпишување на договор за соработка помеѓу Васко Мавровски, директорот на НТБ и Полексена Јанкуловска, маркетинг директор на Бимилк. Како општествено одговорна компанија, Бимилк континуирано поддржува проекти кои придонесуваат за развојот на заедницата. Преку партнерството со НТБ, компанијата ја потврдува својата посветеност кон поддршка на културата и уметноста, препознавајќи ја нивната важна улога во општествениот развој.
„Поддршката од општествено одговорни компаниии како Бимилк е од исклучително значење за развојот на културните институции и реализацијата на амбициозни уметнички проекти. Партнерствата меѓу компаниите и културните институции создаваат можности за реализација на содржини со висока уметничка вредност и придонесуваат за унапредување и промоција на македонската култура. Веруваме дека оваа соработка ќе претставува значаен поттик за нашите идни проекти и активности“, рече директорот на НТБ, Васко Мавровски.
„Културата и уметноста се суштински дел од општествениот развој, а токму НТБ е една од институциите кои со својата долгогодишна работа, посветеност и уметнички достигнувања континуирано придонесуваат за збогатување на македонската културна сцена. Особено сме горди што воспоставуваме партнерство со театар кој низ годините изгради препознатлив уметнички идентитет, создаде значајни претстави, освои доверба кај публиката и остави силен белег во културниот живот не само во Битола, туку и пошироко. За нас, поддршката на НТБ претставува вложување во заедницата, во креативниот потенцијал на младите генерации и во вредностите кои остануваат значајни и препознатливи низ времето“, истакна Полексена Јанкуловска, маркетинг директор на Бимилк.
