Home » „Бизнисот на задоволството“ прикажан во Битола

„Бизнисот на задоволството“ прикажан во Битола

by culturalchat

44 годишнината на НУ. Центар за култура Битола беше одбележана со премиерата на македонскиот филм „Бизнисот на задоволството“ на режисерот Гоце Цветановски. Филмот кој освојува бројни награди на фестивалите ширум светот, конечно го погледна и битолската публика, во 3Д киното.„Честитам за одличниот филм, и топло го препорачувам да го погледнете“, истакна директорката на Центарот за култура, Маја Андоновска Илијевски.

Улогите во филмот ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски. На премиерата на филмот приуствуваше и Цветановски заедно со актерката Слаѓана Вујошевиќ, актерот Исмаил Касуми, како и композиторот Димитар Андоновски кој стои зад музиката во филмот.„Ви благодариме Битола за прекрасниот пречек на премиерата на „Бизнисот на задоволството“. Си поминавме одлично, не’ наполнивте со најубава енергија и не’ израдувавте со вашите позитивни реакции“, истакнуваат од екипата на филмот.

„Огромна благодарност до режисерот и целиот тим за довербата и можноста да ја внесам својата музичка визија во ова дело. Ви благодарам на сите што присуствувавте и ја поддржавте македонската филмска уметност“, рече Димитар Андоновски.Ова е филм за љубовта и пријателството, за тоа што значи да изгубиме некој и како се справуваме со оваа загуба. Истовремено обработува една многу важна тема – политичката димензија на сексуалната трговија. Дебитантскиот филм на режисерот Гоце Цветановски се врти околу новинарката Елени, која е опседната со исчезнувањето на нејзината најдобра пријателка што станала жртва на сексуална трговија. Новинарката подготвува тајна операција за да ја разоткрие криминалната мрежа. Но, како што нејзините соучесници се приближуваат до шефот, ситуацијата излегува од контрола и тие се борат да излезат живи. Директор на фотографија е Фејми Даут, кој е и добитник на наградата за најдобра камера на десеттото издание на „DEA OPEN AIR International Film Festival“ во Тирана за истиот филм.  Филмот во својата меѓународна фестивалска година заобиколи пет континенти, се закити со 32 селекции и доби 10 награди, од кои пет за најдобар филм. Тука се и: наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ во САД, највпечатлив филм во Седона, Аризона и многу други.За оние што го пропуштија филмот, истиот ќе биде прикажан и денес од 20 часот.

Фотографии: Диоген Хаџи Коста Милевски.

 

 

 

 

Related Articles