Камерниот оркестар на Битола го одржа својот прв концерт оваа година како национална установа, со наслов „Барокна фантазија“,во КИЦ Офицерски дом. Музичките уметници Симон Поповски (виолина), Ангела Димковска (флејта) и Дејан Цветковски (виолончело), кои се и првите вработени во Оркестарот, го збогатија концертот со својата соло изведба, а како гостин на концертот настапи сопранистката Биљана Јосифов.Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска пред почетокот на концертот искажа почит кон успесите на ансамблот.
„Камерниот оркестар на Битола е градска и национална гордост, инспиративен во творештвото и оригинален во бројните настапи. Поддршката што ја дадовме за негова институционализација и постојаната соработка со Министерството за култура е препознаена од членовите на оркестарот кои неуморно ја создаваат нашата музичка култура и ја пренесуваат на младите генерации”. Таа обраќајќи се пред полната сала и пред музичарите од Камерниот оркестар кажа дека Министерството за култура ги поддржува вредностите на Оркестарот и создава услови ансамблот да придонесе за афирмација на Битола како влијателен музички центар во државата и во регионот.„Упатувам честитки до сите музичари од Камерниот оркестар за нивната десет годишна упорна работа, која нè доведе вечерва до овде, во прекрасниот Офицерски дом, да ја славиме уметноста на националните вредности, уметност која ја афирмира Битола како град и култура, и нејзиниот препознатлив космополитски дух”.
За крај таа додаде дека е уверена дека и покрај домашните успеси на Камерниот оркестар, истиот далеку ќе го афирмира нашиот град и нашата држава на светските музички сцени. Пред присутните се обрати и директорот на Камерниот оркестар, Владимир Димовски кој изрази благодарност од поддршката на Министерството за култура и додаде дека како млад ентузијаст верувал дека Камерниот оркестар може да прерасне во професионална институција во која ќе се вработуваат младите луѓе, кои ќе остануваат во Битола. Диригент беше Иван Еминовиќ.
„Барокна фантазија“ е патување кое ги оживеа најубавите моменти од барокниот период, и ги спои историјата, културата и уметноста преку моќта на музиката. Ова е само почетокот на патувањето на НУ Камерен оркестар на Битола, кое ветува богатство на музички настани во годината што доаѓа.
Министерството за култура со над 3 милиони денари ја поддржува годишната програма на Камерниот оркестар во која ансамблот ќе понуди концерти како што се: „Градот на клавирите”, „Гласот на виолончелото”, „Македонска рок симфонија”, како и „Етно симфонија”. Ансамблот нуди богатство на жанрови, стилови и епохи, вклучувајќи и македонски композитори и изведувачи, и гости од странство.