Поради зголемениот интерес за регионалниот блокбастер, филмот „Свадба“, покрај премиерата, се прикажува и на 6 ти и 7-ми февруари во Центарот за култура, но и на 5-ти и 7 -ми февруари, од 20 часот, во Кино Манаки. Ова не е само филм – ова е апсолутен рекордер кој ги собори сите досегашни бројки на гледаност во регионот, надминувајќи ги дури и најголемите холивудски хитови.
Фантастична регионална екипа, како и приказна со која многумина можат да се идентификуваат, го ставија овој филм на самиот врв на интересот, па така на Свадба ве канат: Драган Бјелогрлиќ, Рене Биторајац, Весна Тривалиќ, Марко Грабеж, Линда Бегоња, Анџелка Стевиќ Жугиќ, Роко Сикавица, Ника Грбеља.
Филмот носи мешавина од здрав хумор, препознатливи животни ситуации и ја води публиката низ приказна што балансира помеѓу топла семејна атмосфера и неочекуван меѓународен инцидент. Го поставува прашањето – дали љубовта може да ги надмине стереотипите, обичаите и родителските планови – и одговара на него на урнебесен, брз и непредвидлив начин.Во центарот на оваа антиромантична комедија се две богати семејства – едното од Загреб, другото од Белград – чиј син и ќерка се заљубуваат далеку од своите домови. Непланираната бременост го забрзува запознавањето на родителите, додека свадбата што мора да остане строга тајна станува повод за лавина од комични, но и напнати ситуации што брзо излегуваат од контрола. Резултатот е експлозивна комбинација од смеа, напнатост и препознатливата балканска „топлина“. Креативниот тим го сочинуваат режисерот и сценарист Игор Шереги, директорот на фотографија Томислав Сутлар, монтажерката Леа Милета, сценографката Јана Пјацун, костимографката Паула Чуле, дизајнерот на звук Иван Желиќ и шминкерката Сњежана Горуп, кои заедно носат автентична приказна во која сатирата вешто се испреплетува со реалноста.

