Актерот во пензија од Театарот на народностите – Турска драма, Атила Клинче е добитник на актерската награда за животно дело „Петре Прличко“ за 2026 година. Наградата се состои од плакета со ликот на Петре Прличко, паричен износ од 30.000 денари и цветен аранжман. Одлуката за добитникот Атила Клинче како еден од создавачите на македонската театарска сцена едногласно ја донела жири-комисијата во состав на актерите: Васил Зафирчев, Благојчо Стојанов и Слободанка Чичевска, актер и минатогодишен добитник на наградата.
„Актерскиот опус на Атила Клинче е одбележан со бројни значајни улоги од светската класика и домашната драматургија. Неговиот актерски опус вклучува комплексни и значајни ликови како: Хамлет, Енкиду во Гилгамеш, Едип, Мемет, Магбет, Фентон, Креонт и многу други, кои ги изведува со извонредна длабочина и мајсторство. Тој е добитник на Награда за млад актер на МТФ „Војдан Чернодрински“ за улогата на Мемет (1982 г.). За истата улога е прогласен за најдобар актер од страна на весникот „Млад Борец“. Во 2003 г. од страна на Турските медиуми е прогласен за Актер на годината. Во 2005 за главната улога на таткото во претставата „Куќа на граница“ на МТФ „Војдан Чернодрински“, Клинче ја добива наградата за најдобро актерско остварување. Во 2016 ја добива државната наградата „11 Октомври “, истакна Чичевска.
„Со голема чест и благодарност ја примив Актерската награда за животно дело „Петре Прличко“ за 2026 година. Ова признание за мене има особена тежина, бидејќи го носи името на Петре Прличко, еден од најголемите актери во Македонија. Да се биде добитник на награда со неговото име е чест што длабоко ја ценам. Искрено им благодарам на жири-комисијата за ова високо признание, на моите колеги и соработници, на Националната установа Турски театар Скопје, како и на сите што беа дел од мојот уметнички пат. Посебна благодарност до велешката публика за топлината, љубовта и почитта што ми ги укажа. Преполната сала и аплаузот на нозе беа момент што засекогаш ќе го носам во срцето. Оваа награда ја примам со длабока почит и благодарност“, изјави Клинче.


