Home » UTOPIA ја зацврстува својата позиција како алтернативна театарска сцена: дуо-драмата „Љубовни писма“ ја воодушеви битолската публика

UTOPIA ја зацврстува својата позиција како алтернативна театарска сцена: дуо-драмата „Љубовни писма“ ја воодушеви битолската публика

by culturalchat

Со камерната дуо-драма „Љубовни писма“, која се одигра во просторот на UTOPIA, Битола доби уште една потврда дека современиот театар не мора да живее исклучиво на институционални сцени. Претставата, во изведба на реномираните актери Верица Недеска и Игор Ангелов, донесе интимна, суптилна и емотивно прецизна интерпретација на текст што преку писма ја следи сложената врска меѓу два лика низ период од пет децении.
Верица Недеска, актерка со богато театарско, телевизиско и филмско искуство, позната по својата сценска дисциплина и емоционална длабочина, уште еднаш потврди дека минимализмот е нејзина силна страна. Нејзината интерпретација се движеше меѓу тишина и експлозија, градејќи лик што публиката го чувствува, а не само го гледа.
Игор Ангелов, актер со долгогодишна и разнолика кариера, препознатлив и по своите авторски и монодрамски проекти, ја донесе својата карактеристична сценска прецизност и суптилна иронија. Неговото присуство на сцената не е наметливо, туку органско, што ја прави комуникацијата со публиката директна и искрена. „Љубовни писма“ за првпат се изведува надвор од Скопје (каде што се игра во DUDE кафетеријата), а битолската публика имаше ретка можност да ја доживее оваа камерна форма во простор што природно ѝ одговара. Со ова гостување, UTOPIA продолжува да се позиционира како нова, алтернативна театарска сцена во Битола, простор за монодрами, дуо-драми и камерни претстави кои бараат блискост, концентрација и вистинска емоционална размена со публиката.
Ова е второ вакво театарско гостување во UTOPIA, по претставата „Сите најубави нешта“ на ОХО продукција во режија на Дејан Пројковски, по текстови на Данкан Мекмилан а во изведба на Игор Ангелов, што дополнително ја зацврстува идејата за клубот како место каде театарот се враќа на својата суштина, актерот и гледачот во директен однос. Со вакви програмски избори, UTOPIA не само што отвора нов простор за театар во градот, туку и создава публика што бара повеќе од класичната сцена.

Related Articles