Home » „Strength of the Stallion“ нова композиција на Горан Мицевски

„Strength of the Stallion“ нова композиција на Горан Мицевски

by culturalchat

Битолчанецот Горан Мицевски , објави уште една композиција од личниот опус на современа музика насловена „Strength of the Stallion“. На прашањето од каде ја црпи инспирацијата за своите музички дела и што претставува музиката за него, Горан ни изјави :

“Инспирацијата е насекаде околу нас, музиката е мојот личен одговор на се она што ме опкружува. Таа е она што не прави да сме единствени, уникатни, а во исто време ни овозможува да бидеме дел од светот. Музиката ни помага да станеме она што сакаме да бидеме, ни дава слобода на избор. За мене лично таа е се. Без неа, најверојатно, ќе станев сосема друга личност, некој што сега, од оваа перспектива, не би ни можел да го замислам. Ми помогна многу и мислам дека никој не треба да ја потценува моќта што ја има”.

Уште од раното детство, коњите и орлите му биле омилени животни.

„Ги доживував и се уште ги доживувам како величествени животни. Од една страна природата на коњите ја отелотворува духовната моќ на независноста, богатството, слободата, издржливоста, довербата, триумфот, херојството и конкуренцијата. Од секогаш ми биле симбол на универзална сила, храброст и слобода. Од друга страна, орелот е најистакнат од сите крилести суштества. Тој ја пренесува силата и пораките на духот, тој е врската на човекот со божественото затоа што лета повисоко од било која друга птица. Орелот ја носи пораката за возобновен живот бидејќи е поврзан со источните ветрови – насоката на пролетта, зората и повторното раѓање. За мене лично секогаш бил симбол на универзална моќ“, вели Горан.

Композицијата може да ја слушнете на следниот линк:

„Strength of the Stallion“ е дело вдахнато од симбиозата и силината на овие две навидум различни животински природи на коњот и орелот. Со својата енергичност претставува инспиративно музичко парче кое поттикнува на храброст, слобода и поместување на сопствените граници. Во изминатата година Горан Мицевски  ја промовираше самостојната композицијата „Прошетка во вселената“ и композицијата „Немир“ која е дел од музичкиот проект „Гласот од невидливиот свет“.
И оваа композиција како и претходните, е од некомерцијален карактер, слободна за преземање и споделување, подарена на публиката со желба дека ќе побуди инспирација и зрак на надеж во овие предизвикувачки времиња.

 

Related Articles