Home » „My name is Medeja“ на Битолскиот театар дел од 20. издание на ИФАД.„Стоби“

„My name is Medeja“ на Битолскиот театар дел од 20. издание на ИФАД.„Стоби“

by culturalchat

Со претставата „Антигона“, текст на Жан Ануј и фрагменти од Софокле , Рој Хан и Александар Морфов и во режија на Александар Морфов, а одиграна од Драмски театар „Иван Радоев“ од Пловдив, Бугарија, свечено беше отворен 20-от јубилеен Интернационален фестивал на античка драма „Стоби“.

Претставата на Битолскиот народен театар, ,My name is Medeja” на 05.10. ќе биде дел од официјалната селекција на фестивалот. Прeтставата ќе се одигра на матичната сцена на Битолски театар, но има и организиран превоз од Велес, за сите оние кои сакаат да ја погледнат.

Битолската претстава на Милан Рамшак, а во режија на Себастијан Хорват, на годинешното 57. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, ги понесе следните награди:Награда за уметничко остварување во целина; Награда за главна женска улога се додели на Илина Чоревска за улогата на Медеја; Наградата за режија отиде во рацете на Себастијан Хорват; Наградата за музика кај Драго Ивануша, Наградата за рекламен материјал кај Сашо Илковски.

„My name is Medeja“ e претстава за женската моќ. Главната хероина, економска мигрантка од Балканот во Швајцарија, вклештена е помеѓу немилосрдната и безлична бирократија, од една страна, и расипаноста на поранешниот маж, од друга. Медеја се бори, но секој чекор што ќе го направи како да ја турка сѐ подлабоко кон дното и соочувањето со поразот. Во моментот на целосна немоќ, таа сепак пронаоѓа надеж, но надвор од категориите во кои се движела дотогаш (митска омнипотенција/тотална немоќ) – откривајќи дека вистинската сила секогаш се наоѓа во односот со другите. Твојата болка не е само твоја, исто како што и твојата борба не е само твоја.

Режисерот Хорват е еден од најплодните режисери во Словенија. Добитник е на скоро сите значајни и најголеми награди во Словенија и пошироко.Драматург на претставата е Милан Рамшак Марковиќ, српски сценарист и сценски изведувач.Драго Ивануша е композитор на филмска и театарска музика, пијанист и хармоникаш. Тој е еден од најактивните словенечки композитори.

Во претставата покрај Илина играат Огнен Дранговски, Катерина Аневска – Дранговска, Викторија Степановска – Јанкуловска, Јулијана Мирчевска – Мавровска, Иван Јерчиќ, Здравко Стојмиров, Соња Михајлова, Васко Мавровски, Сандра Грибовска – Илиевска, Анастазија Христовска, Никола Стефанов, Кристијан Танчевски.

Сценограф е Валентин Светозарев, костимограф Андреј Ѓоргиевски, асистент на драматургија и режија Брина Јенчек, светло – мајстор Игор Мицевски, тон – мајстор Александар Димовски, инспициент Димитар Михајловски, суфлер Мирјана Христовска. Превод: Оливера Павловиќ, превод на германски и консултант: Симона Монавчева.

Годинешното издание на фестивалот „Стоби“ ќе трае 10 дена и публиката ќе има можност да проследи голем број на претстави, во официјалната и придружната програма. Две од претставите ќе бидат одиграни и на сцените на битолски Театар и на Театар „Комедија“ во Скопје и освен влезници обезбеден е и превоз.

Дваесеттото јубилејно издание на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“, под мотото „Нови манифести“ ќе се одржи во периодот од 02 до 12 октомври.

Претставата „My name is Medeja“ започнува во 20.00 ч. Билети може да се набават во билетарата на театарот.

 

 

 

 

Related Articles