Home » JFF24 Meet the artists: Со книгите на Љупчо Јолевски се отвара Џез фактори фестивалот во Битола

JFF24 Meet the artists: Со книгите на Љупчо Јолевски се отвара Џез фактори фестивалот во Битола

by culturalchat

Повеќе реномирани џез музичари од Македонија и странство ќе бидат дел од годинешното 7.по ред издание на Џез фактори фестивалот кој ќе се одржи на сцените во Народниот театар и Центарот за култура Битола, но и во неколку кафе барови. Покрај музичките настапи дел од програмата се и годишната конференција на Асоцијацијата на Џез фестивали, работилницата за изработка на  гитари на Ивица Јорданов, промоции на книги, како и доделувањето на наградата „Гоце Димитровски“ за најдобар млад џез музичар во 2023 во соработка со Општина Битола.Фестивалот ќе биде отворен со промоцијата на книгите “Радио“ и “Неправилен ритам- приказни од современата македонска музичка сцена“ на авторот Љупчо Јолевски, на 3.април во Центарот за Култура Битола, со почеток од 19 часот.

Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку три децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите.  Долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио – Втора програма. Паралелно четири години бил уредник на Музичкото радио Канал 103, а соработувал и со изданијата на Детска радост, ревијата Екран и тогашна Нова Македонија. Речиси од самото основање на Радио Слободна Европа на македонски јазик и се до пензионирањето (октомври 2022 година), Јолевски беше новинар и дописник на овој светски медиум. За својата долгогодишна работа во новинарството минатата година ја доби наградата „13 ноември“ што ја доделува Град Скопје.„Радио“ е книга која се занимава не со радиото како медиум, туку со нешто друго, со сето она, што, како културна рубрика или Јолевски како новинар, во културната рубрика на Радио Слободна Европа, успеа да го вообличи во радио прилог, во интервју, рецензија, во осврт, нешто што беше емитувано на програмата, нешто што, беше трка со времето, стигна на време, сето тоа, да излезе во час, час и половина, прво како текст, па како радио прилог, па потоа како, веб-сајт.„Неправилен ритам“ е книга за современата македонска музичка сцена, книга во која на 800 страници се поместени бројни интервјуа, со по авторот најзначајните ликови на она што претставува наша музика, македонска музика: Анастасија, Архангел, Влатко Стефановски, Леб и сол, Симон Трпчески, Дарија Антовска итн.

Фестивалот се организира под патронажа на Општина Битола и партнерство со НУ Народен Театар Битола, а со поддршка на Министерството за култура и Центарот за култура Битола, како и Францускиот Институт од Скопје, Амбасадата на Полска, Амбасадата на Австрија и Генералниот Конзулат на Грција во Битола.

 

Related Articles