Home » 90 години од раѓањето на Оливера Николова и промоција на романот „Песот со тажен поглед“ во Софија

90 години од раѓањето на Оливера Николова и промоција на романот „Песот со тажен поглед“ во Софија

by culturalchat

Во организација на Македонскиот културно-информативен центар во Софија, под раководство на директорот проф. д-р Зоран Пејковски, на 25 ноември 2026 година беше одржан културен настан посветен на одбележувањето на 90-годишнината од раѓањето на истакнатата македонска писателка Оливера Николова (1936–2024), во чии рамки беше претставено и новото бугарско издание на нејзиниот роман „Песот со тажен поглед“. Настанот е дел од годишната програмска активност на Македонскиот КИЦ во Софија, поддржана од Министерството за култура и туризам на Република Македонија, со што уште еднаш се потврдува институционалната посветеност кон афирмацијата на македонското книжевно и културно наследство во меѓународниот културен простор.Настанот го отвори амбасадорот на Република Македонија во Република Бугарија, Н.Е. Крум Ефремов, кој даде силна поддршка на афирмацијата на македонската книжевност и особено го истакна значењето на творештвото на Оливера Николова. Осврнувајќи се на романот „Песот со тажен поглед“, амбасадорот ја нагласи неговата книжевна и универзална човечка вредност, како и значењето на делото на Николова за македонската литература и култура. Во своето обраќање, амбасадорот посебно ја истакна важноста и улогата на Македонскиот културно-информативен центар во Софија, кој преку својата континуирана и разновидна културна програма дава значаен придонес во развивањето и спроведувањето на културната дипломатија. Притоа, ја нагласи неговата улога како важна институционална платформа за афирмација на македонскиот културен идентитет, презентација на националните културни вредности и градење мостови на комуникација, разбирање и соработка меѓу двете земји.Настанот го водеше директорот на Македонскиот културно-информативен центар во Софија, проф. д-р Зоран Пејковски, кој се осврна на богатството и разновидноста на современата македонска книжевна продукција, на нејзините значајни авторски имиња и на потребата од нејзина континуирана меѓународна афирмација. Тој ја истакна посветеноста на Македонскиот КИЦ во Софија кон промоцијата на македонското книжевно, уметничко и културно творештво, нагласувајќи ја неговата улога како активен чинител во културната дипломатија и во градењето трајни културни врски. Македонскиот културно-информативен центар во Софија претставува значајна институционална точка на македонското културно присуство во Бугарија и важен инструмент за спроведување на културната политика и културната дипломатија. Преку континуирани книжевни промоции, изложби, концерти, трибини и други културни содржини, Македонскиот КИЦ во Софија овозможува презентација на македонските културни вредности, непосредна комуникација меѓу македонските и бугарските културни дејци и создавање можности за долгорочна соработка. Неговата програмска дејност придонесува за поголема видливост на македонската култура и современо творештво во меѓународниот културен простор. За животот и книжевното дело на Оливера Николова, нејзиното значење за македонската литература и трајните вредности на нејзиното творештво зборуваше  д-р Марина Мијаковска, која го осветли богатството на нејзиниот книжевен опус и нејзиното посебно место во македонската културна меморија. За романот и неговото значење зборуваше и Светлана Јанчева, претставничка на бугарската издавачка куќа „Изида“, која го објави бугарското издание на книгата. Во промоцијата учествуваа и Пламен Тотев, литературен критичар и издавач, како и Маријан Петров, преведувачот на романот на бугарски јазик. Нивните осврти придонесоа за пошироко согледување на книжевните вредности на делото, неговата универзална порака и значењето на неговото претставување пред бугарската читателска публика. Романот „Песот со тажен поглед“, добитник на престижната награда „Роман на годината“ за 2019 година, е длабока и потресна приказна за човековото страдање, последиците од војната, загубата, осаменоста и потрагата по смислата на животот. Сместена во суровиот амбиент на Првата светска војна, приказната го следи австрискиот воен заробеник Алберт Гас, кој, соочен со физичките и психолошките последици од војната, се обидува да ја зачува својата човечност. Во средиштето на романот е и сеќавањето на неговото верно куче Ал, симбол на безусловната приврзаност, нежноста и надежта – потсетник дека и во најмрачните мигови може да постои трошка човечност и спасение. Преку оваа приказна, Оливера Николова отвора универзални прашања за војната, човечката ранливост, моралот, емпатијата и потребата од надеж дури и во најтешките животни околности.Инаку романот „Песот со тажен поглед“ е објавен од издавачката куќа „Изида“, во превод на Маријан Петров, со што ова значајно дело на македонската книжевност добива нов простор за живот и комуникација со читателите во Бугарија. Притоа треба да се напомене дека Оливера Николова остави неизбришлива трага во македонската литература. Таа е авторка на култниот детски роман „Зоки Поки“, но и на бројни значајни дела за возрасни, меѓу кои „Адамовото ребро“, „Вежби за ибн Пајко“ и „Кадифената покривка“, таа со своето творештво ги обединуваше генерациите читатели и ги освојуваше најзначајните книжевни признанија. Нејзиното творештво зазема значајно место во македонското културно наследство, а во 2024 година постхумно беше одликувана со државен Орден за заслуги во областа на културата. Одбележувањето на 90-годишнината од раѓањето на Оливера Николова и претставувањето на бугарското издание на „Песот со тажен поглед“ претставуваа значаен чин на институционална културна афирмација, меѓународна промоција на македонската литература и развивање на културната дипломатија. Преку ваквите програмски активности, Македонскиот културно-информативен центар во Софија, со поддршка на Министерството за култура и туризам, ја потврдува својата важна мисија во презентацијата и промоцијата на македонската култура, нејзините творци и нејзините трајни вредности, создавајќи цврсти културни мостови меѓу Македонија и Бугарија.

Related Articles