Home » 77 години од првата Македонска Граматика

77 години од првата Македонска Граматика

by culturalchat

На денешен ден, пред 77 години, со решение на тогашното Министерство за народна просвета на Македонија е одобрено „Македонска граматика“ од Круме Кепески да се користи како учебник во средните училишта.

„Македонска граматика“ од истакнатиот македонист, граматичар, педагог, учебникар, методичар, преведувач и собирач на народни умотворби, Круме Кепески (1909-1988) е првата граматика на македонскиот јазик објавена во слободната македонска држава, во 1946 година, во издание на Државното книгоиздателство на Македонија.

На Граматиката, Кепески работел од февруари до ноември 1945 година, остварувајќи голем влог во кодификацијата на македонскиот стандарден јазик. По првото издание од 1946 година, објавено е и второ (1947) и трето издание (1950).

Во предговорот кон првото издание на оваа македонска граматика, Кепески напоменува: „со оваа граматика имав желба да им дадам на учениците учебник што ќе ги воведе во нашиот литературен јазик и ќе им спомогне да ги разберат неговите основни црти“. Но, во практиката, таа нашла соодветна примена и пошироко – во сите комуникациски сфери, администрацијата, културата.  Со „Македонска граматика“ од 1946 година, но и со севкупното свое дело, особено со граматиките и поуките за јазикот наменети за учениците, Кепески стави свој неизбришлив печат во поновата македонска историја. Годинава се навршуваат 35 години од неговата смрт.

„Македонска граматика“ (1946) е достапна и за странските македонисти, во дигитална форма:  http://drmj.manu.edu.mk/wp-content/uploads/2018/01/Македонска-граматика-Круме-Кепески.pdf

Дигитализираната верзија на „Македонска граматика“ е објавена на порталот „Дигитални ресурси на македонскиот јазик“ на Истражувачкиот центар за ареална лингвистика „Божидар Видоески“ на Македонската академија на науките и уметностите.

 

Related Articles