Home » 77 години Друштво на писатели на Македонија

77 години Друштво на писатели на Македонија

by culturalchat

Во свечената сала на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) се одбележа 77-годишнината од неговото постоење со поетско читање и настап на повеќе македонски поети. Друштвото на писателите на Македонија било формирано на 13. февруари 1947 година, од страна на Васил Иљоски, Славко Јаневски, Блаже Конески, Ристо Крле, Владо Малески, Димитар Митрев, Иван Точко, Коле Чашуле и Ацо Шопов. За прв претседател на ДПМ бил избран Блаже Конески.

Тој ден е голем празник на македонските писатели, затоа што Друштвото на писателите на Македонија е најстарата, најмасовната и најреномираната писателска асоцијација кај нас. Пригодни беседи за поезијата на Блаже Конески, Ацо Шопов и Славко Јаневски – тројцата основачи и претседатели на Друштвото на писателите на Македонија, одржаа професорот доктор Васил Дрвошанов и професорот доктор Александар Прокопиев.

Во овие 77 години голем број македонски писатели биле дел од неговите редови и како членови дале свој придонес во развојот на современата македонска литература, македонскиот јазик и култура. Друштвото на писателите на Македонија има свое периодично гласило, „Стожер“, ја организира традиционалната манифестација „Празник на липите“, доделува традиционални награди за најдобрите писатели во изминатата година во неколку жанрови: поезија, проза, критика и детска литература, а ги доделува и наградите „Книжевно жезло“.


Како што пишува Гане Тодоровски во предговорот на изданието „Македонски писатели“, ДПМ е еден од надворешните фактори што ѝ помагаат на литературата во нејзиниот развиток со тоа што вложува систем од грижи и настојби за афирмација на литературната уметност како општествено добро, а во неговите редови се собрани повеќемина „одгледувачи на убавиот збор, унапредувачи на македонскиот книжевен јазик – поети, раскажувачи, романсиери, драмски автори, критичари и есеисти, литературни публицисти, патописци, хроничари, литературни историчари, писатели за деца, крепители на одбраната реч, уметници на зборот, членови на Друштвото на писателите на Македонија, негови ревнители, двигатели и спомагатели…“.


Неоспорна е потребата од постоење на една организација како што е ДПМ, која треба да се грижи за заштитата и статусот на писателот и да ги издигне неговото место и улога во нашето општество

Related Articles