Home » 76 години НТ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп

76 години НТ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп

by culturalchat

На денешен ден, во далечната 1950 година, пред точно 76 години, блесна светлото на сцената на тогашниот „Градски народен театар“ во Прилеп. Роден во услови во какви што се раѓаа речиси сите наши театри, на 18 февруари 1950 година, со премиерата „Кир Јања“ од Јован Стерија Поповиќ, во режија на Аце Михајлоски, Градскиот театар во Прилеп го започна својот професионален живот, продолжувајќи ги светлите традиции на предвоените аматерски трупи, кои претставуваа трибина преку која зрачеше слободарската мисла на напредните луѓе во градот.Составен најмногу од млади и неискусни театарски работници, кои, освен преголемата љубов кон театарското дело и извесната аматерска рутина, не располагаа со ништо друго, поткрепен со грижата и помошта на народната власт и нескриената љубов и симпатии од прилепските граѓани, театарот ги направи своите први чекори. Чекори прилично несигурни, но затоа смели, кои се карактеристични за речиси целиот изминат пат на театарскиот колектив. Првите актери кои несебично гореа на сцената беа: Рампо Ачески, Борка Димкароска, Благоја Кепески, Борка Солеска, Блага Аламлиоска, Блага Батаклиева, Рада Смилеска, Маре Русеска, Владо Спиркоски, Аце Михајлоски, Нада Гешоска, Цане Настоски, Димче Шилоски. Потоа доаѓаат и Димитар Гешоски, Кирил Жежоски, Благоја Ивчески, Благоја Спиркоски – Џумерко, Трајче Иваноски, Андон Јовановски, Цветанка Чавлеска, Најдо Тодески и Марјан Чакмакоски.
Низ годините, различни генерации глумци редеа премиери една по друга; имаше и падови, но и успеси на Театарот. Досега се прикажани околу 370 премиери, одиграни се над 8.000 претстави, кои ги гледале повеќе од 2 милиони луѓе. Денес, прилепскиот театар НТ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп слави 76 години од своето постоење. Театар што поминал низ трнливи патишта, но и низ големи успеси сите овие години. Театар што го има најголемото богатство на оваа држава – прилепската публика. Денес докажуваат дека театарот не се само четири ѕида; денес докажуваат дека театарот е љубов, смелост и тимска работа.

Related Articles