НУ Центар за култура Битола во 2023 година реализираше 645 манифестации, фестивали,концерти, настани, изложби, промоции, филмски проекции вкупно, а во салите влегле 130 524 лица.
Директорката на Центарот за култура во Битола, Маја Андоновска – Илиевски истакна:
„Јас лично присуствував со мали исклучоци кои се бројат на една рака- скоро на се, а вработените и соработниците во НУ Центар за култура Битола заслужуваат медал за издржливост. Еден е Центар за култура Битола “.
Во изминатата година креираа сериозна културна понуда за публиката, а покрај програмата одобрена од министерството, имаа и проекти поддржани од сопствени средства. Посебен простор се дава на македонските уметници, особено на битолските.
Тука беа концертите „Засекогаш во срцата“, а посветени на Тоше Проески и Пепи Бафтировски, на големата сцена настапи познатиот српски актер Иван Босиљчиќ. Тука беа и неколкуте концерти на Дувачкиот оркестар, Музичкото училиште, Фестивалот на монодрама, изложбите на Драган Најденовски, Стефан Малбашиќ и многу други, концерт на бендот Џез Вез „Извезено со љубов“, Вечер со Крсте Роџевски, „Концерт на филмска музика“, „Концерт „ЕТНО СИМФОНИЈА“ 20 години професионална дејност на Благојче Трајковски.
Да не ги заборавиме концертите на Камерниот оркестар, Фестивалот на музика од светот и гостувањето на култните Лајбах, фестивалот на класична музика Интерфест и концертниот спектакл на јапонскиот оперски првенец Казухиро Котецу, ИФФК. Браќа Манаки и многу повеќе. Во 3Д киното се прикажуваат најновите филмски наслови, а истото одбележа 10 години постоење. И оваа година Центарот за култура-Битола ќе и понуди на публиката многубројни квалитетни настани за кои дополнително ќе информираме.