Home » 62 години од првиот телевизиски прилог на македонски јазик

62 години од првиот телевизиски прилог на македонски јазик

by culturalchat

На денешен ден пред 62 години е емитуван првиот телевизиски прилог на македонски јазик. На 31 март 1961 година, македонскиот јазик за првпат одекнал во телевизискиот етер.

Прилогот бил емитуван со новинарско јавување „во живо“ на ТВ-дневникот во студиото на ЈРТ во ТВ Белград, а се однесувал на активноста на младите во тогашна Македонија.

Бил илустриран со монтирана филмска илустрација од Кумановска бања каде што бил Главниот штаб на младинската работна акција за изградба на автопатот Куманово – Миладиновци. Автор на прилогот бил новинарот Драги Аргировски, а во ТВ-дневникот го најавил тогаш популарниот спикер Миќа Орловиќ, со напомена дека гостува новинар од Телевизија Скопје и дека тој е првиот телевизиски прилог на македонски јазик.

Со успешното презентирање на првиот ТВ-прилог на македонски јазик, емитуван во етерот на просторите на тогашна Југославија, започнала новата македонска медиумска ера, меѓу првите на Балканот. На 13. мај 1961 година со најава на македонски јазик и телоп „Овде ТВ Скопје – Почнуваме“, преку ЈРТ-студио во ТВ Белград директно се емитувала и получасовна емисија „Балетски концерт“ со првенците на Македонскиот балет: Елпида Паковска и Јован Пашти, со придружба на пијано на Љубомир Бранѓолица.

Истиот месец бил подготвен ТВ-прилог со тонски изјави на македонски јазик на фудбалери за подготовките и очекувањата на ФК Вардар од финалето за Маршаловиот куп со ФК Вартекс на стадионот на ЈНА во Белград. ФК Вардар го има освоено Купот.

На 11 Октомври истата година, преку ТВ Белград се емитувала и целовечерна програма на македонски јазик, посветена на дваесетгодишнината од востанието на македонскиот народ.

Три години потоа, во 1964 година, „во живо”, започнува редовното емитување на програмата на Телевизија Скопје, денешната Македонска телевизија. Текстот за првиот телевизиски прилог на македонски јазик со сеќавања на новинарот Драги Аргировски:

https://novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/како-македонскиот-јазик-првпат-одекн/

 

Related Articles