Четирите светски познати тенори од Италија, Алесандро Косентино Де Акриса, Федерико Сера, Џовани Мариа Палмиа и Уго Тарквини под диригентската палка на Лоренцо Бицари придружувани од Оркестарот на Националната опера и балет, ќе го отворат 62-то издание на фестивалот „Охридско лето“,на 12 јули на Античкиот театар во Охрид .
– „На годинешното 62-ро издание љубителите на уметноста ќе имаат прилика да уживаат во 36 концерти, 9 театарски претстави и 6 настани во дополнителната програма. Од 12 јули до 20 август, на фестивалските сцени ќе пречекаме над 1000 уметници од 25 земји“, најави директорката на НУ „Охридско лето“ Наташа Поповиќ.
Директорката потенцираше дека најреномираната манифестација со интернационален предзнак која е дел од Европската асоцијација на фестивали, не може да се гради и надградува ако ја нема поддршката од Претседателот на државата кој е покровител на манифестацијата, Владата на Република Северна Македонија преку ресорното Министерство за култура, Општина Охрид, генералниот спонзор Македонски телеком, како и од останатите бројни спонзори и помагатели.
По грандиозното отворање музичкиот дел на фестивалот ќе понуди богата програма со врвни и докажани уметници. Новата селекторка на музичката програма на „Охридско лето“ Бисера Чадловска, издвои неколку настани кои годинава ќе ѝ понудат на публиката прекрасно музичко доживување.
-„ Годинава ќе настапи камерниот оркестар „Профундис“, кој е еден од поновите македонски состави за камерно музицирање и кој бележи неколку успешни концерти со виртуозни програми. Би го издвоила настапот на Стефан Миленковиќ, уште од дете одлично познат на македонската публика. Врвен светски виолинист кој нема потреба посебно да го претставувам. Неговите настапи на фестивалот се речиси традиција и секогаш предизвикуваат еуфорија кај публиката. На роденденот на „Охридско лето“, ќе имаме можност да го видиме фламенко балетот „Луксурија“, спектакл базиран на традиционални шпански фламенко танци“, најави селекторката Чадловска дел од програмата што годинава ќе биде на фестивалскиот музички репертоар.
Богатата драмска програма на годинешното 62-ро „Охридско лето“ ќе ја предводат Њујоршката Ла Мама со копродуциската „Балкан Бордело“, белградските „Војна и мир“ и „Вујко Вања“, украинската „Кротењето на опаката“ , како и шест исклучителни домашни претстави во изведба на Македонскиот народен театар, Драмски театар Скопје, Турски театар Скопје, Народен театар Битола и Народен театар Охрид.
-„Со селектираната театарска програма настојувавме на актуелност во темите, на различни сценски форми, на промоција на нови модерни драми, на ново и современо читање на веќе познатите драмски и книжевни дела, на претстави кои ќе успеат да го погалат или да му удрат шлаканица на гледачот и во никој случај да не го остават рамнодушен“, рече селекторката на драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ Сања Арсовска.