Home » 45 години културно срце на Битола – 45 години Центар за култура

45 години културно срце на Битола – 45 години Центар за култура

by culturalchat

Оваа година НУ Центар за култура – Битола одбележува 45 години постоење – четири и пол децении исполнети со уметност, музика, фолклор, театар, филм и безброј незаборавни моменти. Центарот e вистинско културно срце на градот, место каде што се среќаваат традицијата и современото творештво, а публиката секогаш е во центарот на вниманието. По повод големиот јубилеј, роденденот беше одбележан со концертот на легендарниот Ефто Пупиновски.Тој е еден од најистакнатите македонски пејачи, уметник чиј глас со децении е дел од музичката сцена. Со своите љубовни балади и народни песни, тој остави длабока трага во македонската музика и создаде хитови што станаа вечни. Од емотивни приказни за љубов и судбина, до песни што ја слават радоста и животот, неговиот репертоар е препознатлив по искреноста и силната емоција што ја пренесува на публиката. Публиката уживаше во најголемите хитови на Пупиновски – песни што се дел од нашето сеќавање, што ги пееме со срце и што ја носат вечната емоција на македонската музика.Директорот Сашо Илковски истакна:

„ Голема благодарност до сите сегашни и поранешни вработени, директори, програмски и административни соработници, сценски работници, аудио и светло дизајнери, уметници и партнери — секој од вас ја вградил својата енергија, искуство и љубов во оваа институција. Посебна благодарност до поранешните директори: Чоре, Анче, Љупка, Борче, Зоран, Влатко и Маја — благодарам што ја прифативте иницијативата и заедно создадовме една симболична фотографија во чест на културното срце на Битола. Благодарност до нашата прекрасна публика и до целиот тим на Центарот, кој со огромна посветеност ја реализираше идејата за концертот и кој веруваше во идејата овој јубилеј да го прославиме токму со концертот на Ефто, — имавме вечер исполнета со емоција, традиција и достојно одбележување на овој значаен јубилеј. Овој Центар е жив, затоа што вие сте неговиот пулс. Заедно продолжуваме да го чуваме и развиваме културниот идентитет на Битола“.На јубилјениот концерт присуствуваа досегашните директори на Центарот и тоа: Љупка Коларова – Пајевиќ (директор од 1999 – 2002 и од 2008 до 2010),  Борис Чоревски (директор од 2002 до 2007), Ана Бегајовска (директор од 2007 до 2008), Борче Димитровски (директор од 2010 до 2017), Зоран Димовски (директор од 2017 до 2018), Маја Андоновска – Илијевски (директор од 2018 до 2025), Влатко Илиевски (директор 2025 година), Сашо Илковски, актуелен директор на институцијата. Првите 19 години со институцијата раководеше Петар Целаковски, а краток период вршители на должноста директор беа и Блаже Павловски и Лилјана Димитровска – Пецакова.Пупиновски беше придружуван од битолската група „Милениум“, состав со долгогодишно музичко искуство, препознатлив по својата професионалност, енергични настапи и препознатлив звук кој ја збогатува секоја сцена. Вистински музички празник,исполнет со емоции, аплаузи и нескротлива позитивна енергија, беше роденденскиот концерт на Центарот. Покрај Милениум, на сцената со Пупиновски настапи и Емилија, а придружни викали беа: Лилјана Трајковска Димевски и Билјана Трајковска. Сцената и салата одекнуваа од песните и емоциите, а Ефто пееше без здив, држејќи го ритамот до самиот крај. Публиката не остана рамнодушна – на нозе, со громогласен аплауз, побара БИС, и вечерта продолжи со уште неколку песни.

Фото: Диоген Хаџи Коста Милевски

 

Related Articles