Мек, кадифен глас, грациозна фигура и препознатлива руса коса стилизирана во духот на 70-тите, беа заштитниот знак на една од најблескавите икони на македонската музичка сцена – Сашка Петковска. Нема човек кој барем на некој начин не дошол во допир со нејзината музика и не се сеќава на барем два три стихови од „Бакни ме“, „Сеќавања“, „Чао адио“… Овие носталгични напеви се цврсто вплетени во нашата музичка меморија и будат убави спомени на првите прославени родендени, нови години поминати пред ТВ приемниците, на едно поинакво време. Сашка Петковска беше нашата прва естрадна дива. На 31 август се навршија 41 година од прераната нејзина трагична смрт.Беше редок вокален интерпретатор, кој оставил длабока музичка трага во нашата културна меморија. Петковска пленеше и со стилот. Секогаш храбра во изборот на облека и комплетниот сценски изглед, таа беше ретка „светска дама“ на регионалната сцена. Инаку Сашка беше родена во 1951 година ,а трагично загина на 31. август 1983 година во сообраќајна несреќа. Зад себе има шеесетина снимки, неколку емисии на просторот на бивша Југославија, неколкукратни забележливо успешни настапи на националните телевизии на Австрија, Бугарија, Советскиот Сојуз и Полска. Нејзиното деби на забавно-музичката сцена е на фестивалот во Суботица во1970 г. Следната година е во интернационалниот состав интерпретатори на забавни мелодии на „Кантаџиро“ во Сан Ремо.
Потоа следуваат нејзините настапи на сите фестивали на забавни мелодии во нашата земја, како и учество на „Златен Орфеј“ во Бургас, Р Бугарија. Добива повеќе награди и тоа: Прва награда за интерпретација на композицијата „Еден пораз не е крај“ во Суботица, Втора награда за интерпретација на „Кантаџиро“ во Сан Ремо, Втора награда за интерпретација на „Толку љубов“ во Бургас, Прва и Втора награда на Фестивалот за забавни мелодии – Скопје за „Никогаш, никогаш“ и „Бакни ме“.