Со џез ритми, многу гости од различни генерации, емотивни сеќавања и доза на гламур, деновиве познатата локација Порта Џез во Битола, одбележа 30 години постоење. Она што започна како уметнички шепот пред три децении, еволуираше во етаблирана сцена на која настапиле бројни музички имиња славејќи го карактеристичниот музичкиот правец и прикажувајќи спој на жанровите во ова 30-годишно патување на Порта Џез.
Оваа локација, низ времето стана сцена за настап на селектирани музички формации, но и шанса за деби на многу млади талентирани уметници. Просторот многупати се користел и како алтернативна уметничка галерија, а во него се случиле и многу промоции. Порта Џез со овој настан направи и сеќавање на изминатите 30 години, низ краток филм во кој зборуваа етаблирани имиња кои настапиле низ годините на оваа сцена.
Додека Порта Џез започнува со своето следно поглавје, патувањето продолжува со поглед кон уметничкото истражување, како и посветеноста за реализирање на нова програма која ќе значи негување на нови таленти кои се појавуваат, како и чувство на целосна посветеност на културата во заедницата, кое останува непоколебливо.