Триесетгодишнина од воспоставувањето дипломатски односи помеѓу Јапонија и Република Македонија беше одбележана со свеченост и изложба „Нингјо“, (Кукла), во Археолошкиот музеј во Скопје. Станува збор за избрани 67 кукли поделени во четири категории, „Нингјо за молитва на детскиот развој“, „Нингјо уметност“, „Нингјо фолклор“ и „Ширењето на Нингјо културата“.
Куклите претставуваат сеопфатен преглед на моделите на јапонските кукли, од Каташиро и Амагацу, кои се сметаат за архетипови на јапонски кукли, преку локални кукли кои ја рефлектираат климата и анегдотите од целата земја, како и кукли играчки од денешницата кои се ценети низ целиот свет. Инаку во Јапонија Хинамацури (Фестивал на куклите) е Денот на девојчињата кој се слави на трети март. На овој ден луѓето се молат за среќата и развојот на младите девојчиња. Фестивалот традиционално бил познат и како Фестивал на праските, затоа што во овој период почнуваат да цутат цветовите на дрвјата. Повеќето семејства изложуваат сет на украсни кукли за Фестивалот на куклите „Хина-нингјо“ кои ги претставуваат Царот, Царицата, три дами од дворот, пет музичари и два министри со сите можни додатоци. Целиот сет се нарекува хина-казари. Семејствата се грижат девојчињата да ги имаат барем двете главни кукли и тие можат да се предаваат од генерација на генерација.
Според директорката на Арехолошкиот музеј Славица Бабамова, со оваа изложба уште еднаш ќе се поврзат географски далечните култури меѓу двете држави. Преку изложбата, потенцираше, и Археолошкиот музеј ќе се најде на мапата на музеите ширум светот кои го изразиле своето гостопримство на јапонските кукли. Експонатите се избрани од колекцијата на Јапонската фондација.
Амбасадорот на Јапонија, Оцука Казуја потенцираше дека пријателството меѓу двете држави започна многу порано од 1994 година, но токму ова е годината кога официјално сме размениле и потпишале договори за економска помош во образование и културната соработка. „Оттогаш“, рече јапонскиот амбасадор, „како пријатели континуирано двете држави ја прошируваат поддршката во најважните сектори како здравство, образованието, животната средина, култура. Јапонија, напомена, дава целосна, искрена и посветена поддршка на Македонија во нејзиното пристапување во Европската Унија“.
Државниот секретар од Министерството за надворешни работи Филип Тосевски за време на отворањето на изложбата потенцираше дека се одбележуваат 30 години од воспоставување на дипломатските односи меѓу двете држави, но како што рече, нашите односи датираат многу порано. Тој истакна дека со Јапонија имаме блиска културна соработка на повеќе нивоа, а како што рече, „изложбата на јапонските кукли претставува убава можност и за децата да се запознаат со јапонската култура. Токму оваа изложба има потенцијал да ги спои сите генерации“.
Изложбата ќе биде отворена до 26. април оваа година. Истата е организирана од Јапонската фондација, Арехолошкиот музеј и Амбасадата на Јапонија, со поддршка од Министерството за култура.
Фотографии: Археолошки музеј, Пагода.мк.