Home » (Галерија) 9 претстави, 7 театри од 6 земји на 11.издание на Битолино

(Галерија) 9 претстави, 7 театри од 6 земји на 11.издание на Битолино

by culturalchat

На програмата на битолското културно лето, со изведбата на претставите претставите „Јас Македонија“, создадена по идеа на Јулијана Мирчевска  во изведба на децата од Театарската школа Бабец од Битола и „Убавицата и ѕверот“, во изведба на „Мал театар“ од Прилеп, на Платото пред Офицерскиот дом, беше отворено 11. издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“. Претходите денови беа одржани работилници со актерот Марјан Георгиевски.

Во претставата “Jас Македонија” беа користени текстови од најпознатите македонски драми и поезија, а костимите кои ги носеа децата се оригинална македонска народна носија. Целта на оваа претстава е преку театар да се запознаат генерациите што допрва доаѓаат со историјата на македонската драма и поезија, со традицијата и обичаите на македонскиот народ. Во претставата настапуваа 20 деца членови на театарската школа Бабец.

Децата во Битола после неколку години пауза имаа шанса да погледнат мјузикл на македонски јазик одигран од тројца одлични актери од прилепскиот театар. Класичната бајка за „Убавицата и Ѕверот“ и нивната љубов преточена низ музиката и аранжманот на Томе Темелкоски беше една од приказните на ова издание на Битолино кое ќе остане во сеќавањето на децата од кои повеќето за прв пат  гледаа мјузикл кој се изведува во живо.

Вториот ден дел од програмата на Битолино беа : куклената претстава „До месечината и назад“, во изведба на „BEER SHEVA CHILDREN AND YOUTH THEATER“ од Израел, претставата за деца „Сонувачи“ која ја изведоа децата од Театарската школа „Бабец“ под менторство на Јулијана Мирчевска, театарот „Униа театар“  од Полска ја изведе претставата „Робот“ направена по идеја на добриот пријател и победник на третото издание на ИДТФ „Битолино“, чилеанецот Давид Зуазола.

 

Театарот Беер Шева од Израел е формиран во 2016 година и e поддржан од Министерството за култура на Израел, а се занимава со развојот на креативноста кај децата преку театар. Нивна мисија е да ја шират позитивната енергија и да ја пренесуваат креативноста и имагинацијата на децата од целиот свет. Претставата се играше на универзалниот јазик Џибриш и беше збогатена со многу кукли и музика. Главниот лик во претставата Малиот човек поминува низа перипетии на својот пат до месечината и назад и успева да се избори со сé, всушност и пораката на претставата наменета за децата е дека треба да имаат големи соништа и никогаш да не се откажуваат од нив и верувајќи дека можат да ги остварат ја зголемуваат шансата еден ден навистина да им се остварат.

Во рамките на претставата за деца „Сонувачи“од Театарската школа „Бабец“малите актери одиграа пет светски познати бајки кои ги поврзува и создава „нејзиното величество перницата“. Користејќи многу хумор и покажувајќи десетици начини како еден предмет, перницата, може да има многу форми и значења, со беспрекорната точност и професионализам дефинитивно претставата ги освои срцата на публиката. Од многу наивни моменти кои ги содржат детските бајки напишани од Х.К.Андерсен, Перо, браќата Грим менторот Јулијана Мирчевска успеа да создаде една силна драматуршка целина преминувајќи од една во друга бајка без притоа публиката да има чуство дека станува збор за различни приказни. Со помош на 20 перници децата создадоа еден магичен свет. Со претставата „Сонувачи“ фестивалот и понуди на публиката да погледне еден одличен проект за развивање на креативноста кај децата и за важноста на фантазијата при градењето на една комплетна личност.

Последна претстава за овој фестивалски ден беше „Робот“. Давид Зуазола во последните десетина година е автор кој со своите претстави годишно настапува во просек на повеќе од 60 фестивали ширум светот и со сигурност е еден од најнаградуваните актери во Европа. Тој ја презентираше неговата уметничка визија за светот во кој живееме кој многупати е нетолерантет и е свет кој често не е фер кон поединци. „Робот“ е претстава со длабоко уметничко чувство, приказна која се повторува низ вековите, во претставата е насликана нашата реалност во која живееме каде што луѓето се третираат како потрошен материјал.

Зуазола создава еден систем на креирање на претстави карактеристичен само за него, со препознатлива естетика, кукли изработени од отпадни материјали и механика која ги движи елементите на сцената. За среќа на битолската публика и покрај исполнетиот распоред Зуазола одлучи да дојде во Битола и да го презентира неговиот најнов производ претставата „Робот“.

Последната вечер БАБЕЦ ТЕАТАР го прослави 12от РОДЕНДЕН.

„Поголемиот дел од Вас веруваа во нас од самиот почеток и токму поради Вас и Вашата љубов кон нашиот БАБЕЦ ТЕАТАР успеавме газејќи по трња храбро да се искачиме кон ѕвездите. Голема БЛАГОДАРНОСТ до нашата публика за поддршката изминатите 12 години, бидете со нас и заедно ќе го продолжиме патот кон ѕвездите создавајќи убави спомени кои ќе ги паметиме засекогаш. Како подобро да го прославиме роденденот ако не со театар“, истакнаа организаторите.

Па така на роденденот беа изведени претставите: Тажната нула, на театарската школа Бабец,  гостите од Чешка ја изведоа Исадора , гостите од Швајцарија кловн шоуто Кој е таму и Караѓоз театар на сенките од Турицја ја изведоа Шоу на светските ѕвезди.

Тажната нула е перформанс создаден по идеја и текст на Јулијана Мирчевска. Мојата приказна, вашата приказна,кои сме ние и зошто не секогаш сме таму каде што ни е местото но и фактот дека без ниту еден од нас целта не може да биде постигната, оваа приказна беше пренесена низ играта на 7 деца од сите возрасти. Тие низ комични и лирични моменти покажаа дека иако малечки се свесни за светот во кој живееме и дека почитта едни меѓу други не прави само посилни а со тоа и помоќни да создаваме подобар свет.

Уметничкото училиште „Јана Штурсу“ го изведе проектот ИСАДОРА, во кој  уметничките раководители прават успешен обид да го спојат танцот и театарот во една магична приказна за танчерката Исадора Данкан, која се смета за икона на современиот танц и која своите движења ги црпи од природните појави а најспецифично е нејзиното брановидно движење.  Преку инспиративната животна приказна на Данкан и нејзиниот успех и покрај бедата во која растела гостите од Чешка испраќаат една силна порака до децата да останат свои во многуте животни борби кои ги очекуваат во иднина. Претставата во која танцот и актерската игра имаа силна конекција, дополнета е со сценографски елементи и ефекти и многу малку зборови кои се заменети со телесна експресија.

На Фестивалот оваа година  настапи уште една голема ѕвезда од светот на физичкиот театар, специјалност кловнијада, Игор Мамленков, кој своето образование го стекнал на неколку универзитети ви Русија, Данска, Шпанија и на крајот во Швајцарија се стекнува со титулата магистер за физички театар –кловн. Неговата претстава беше спој на кловновско шоу, музика во живо и интеракција помеѓу осаменоста и фолклорот преточени во една лирична поема и авантура која се случува внатре во нас. Претставата е спој на интимноста која ја има секој од нас во домот и јавниот настап на еден кловн. Мамленков во својата претстава раскажуваше за осаменоста и важноста на Домовој кој во рускиот фолклор е познат како „куќен дух“, заборавен од сопствениците кои одамна ја напуштиле куќата Домовој ќе мора сам да го врати духот на семејното огниште оживувајќи ги предметите околу себе.Забавувајќи се со сé наоколу Домовој ги очекува новите сопственици и затоа многупати низ претставата прашува Кој е таму?, нестрплив да ги запознае кога тие навистина доаѓаат светлото се гаси а ние остануваме со дилемата дали ова реално се случи или беше само сон.

За крај на 11-то издание на ИДТФ. Битолино настапи Кемал Полат кој својата кариера ја посветил на традиционалниот турски театар на сенки –караѓоз.Запознавајќи ги децата низ цела Турција, но и надвор од границите на својата земја, со овој специфичен театар на сенки и самиот пробал истиот да го осовремени а на тој начин да го доближи до остатокот на светот. Неговото „Шоу на светските ѕвезди“ преку многу забава и музика а пред се поради атрактивноста на светските ѕвезди кои „настапија“ во Битола како Елвис Присли, Лучиано Павароти, Чарли Чаплин и др. ја натераа публиката со задоволство да ја проследи програмата а со тоа и одблизу да ја почуствува магијата на театарот на сенки.Децата во Битола благодарение на Битолино имаа шанса по трет пат да погледнат приказна изработена со кукли наменети за театар на сенки.

Оваа година Битолино  се одржуваше од 03 до 07 август под мотото „Per astera ad astra“(Патот до ѕвездите е трнлив) .

„Бабец театар и покрај економската и здравствената криза ќе продолжи да создава театарски претстави кои пред се ќе бидат достојни за презентација пред нашата публика, претстави кои ќе допрат до секое дете и претстави кои засекогаш ќе останат сеќавањата на децата. Горди сме што создадовме една генерација на млади луѓе кои токму поради нас го засакаа театарот тука првенствено мислам на нашите актери од Театарската школа „Бабец“ и на сите деца кои уживаат гледајќи ги нашите претстави. Брендот „Бабец театар“ кој 12 години успеа да опстане како професионален детски театар со 20 премиери и над 45.000 продадени влезници и ИДТФ „Битолино“ на кој публиката (11.500)имаше можност да погледне 64 претстави од 34 театари кои во Битола допатуваа од 24 различни земји од 4 континенти, веќе се запишаа со златни букви во историјата на македонскиот театар и ќе направиме се оваа приказна да продолжи со нови проекти и радосни мигови за децата“, истакнаа организаторите.

Бабец театар оваа година доби и официјално дозвола и поддршка од Светската асоцијација на детски театри АССИТЕЖ за формирање на Национален центар „АССИТЕЖ Македонија“ со седиште во Битола.

„Веднаш по завршувањето на Битолино заедно со нашите колеги ширум Македонија ќе започнеме една нова мисија за создавање на услови за брз и квалитетен развој на театарот за деца“, додадоа од Бабец театар.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Related Articles