„Мјузиклот „Исцелител“, повикува на будење за заштита на планетата земја, потсетува дека секој поединец треба да се пронајде себе си, да го прави тоа што навистина го сака и да помага на другите, да работи на личната самосвест и да негува вистински вредности, тогаш тој би бил навистина среќен и би успеал да се излекува себе си. Секој за себе си е „Исцелител“, ова го изјавија Анастасија и Стефанија од Центарот за изведувачки уметности, мода, музика и танц-Анастасија од Битола, а по повод мјузиклот со кој ќе го одбележат јубилејот од 25 години постоење.
Околу тоа на што се најмногу горди во текот на овие 25 години велат: „На сите уникатни креации кои биле создадени и се во огромен број, на многуте манифестации, модни ревии, музички и танцови перформанси со посебен печат на уникатност и иновативност, на изградените артисти кои се обучија во „Анастасија“, препознатливи по слободниот израз, на енергијата која сеуште и денес ја поттикнува кративноста, на инклузијата на лица со попречености, на вредностите кои се зачуваа и создадените силни пријателства, кои се основа и темел за израстување на овој Центар во сериозна платформа за поддршка на младите уметници во Битола и регионот“.
За Анастасија и Стефанија попреченоста е агол на перцепција. „ Ние гледаме само со душата, затоа овие лица се чувствуваат како дома. Имаат простор да се изразат себе си, доколку имаат талент во одредена област, да го развиваат, да работат на таа тема, а пред се да се дружат. Социјалниот момент кај нив е најмногу загрозен, заради недоволно информација во средината во која живеат. Кога се прави инклузија, има взаемна размена на информации од двете страни, тие што не биле во допир со овие лица, учат како да се однесуваат со нив, како да им помагаат, а тие учат како да се однесуваат и како да комуницираат полесно со средината“, додаваат тие.
Мјузиклот,,Исцелител” ќе биде изведен на 05.10.22 во Народниот Театар Битола. Резервација на билети во Анастасија Центар или на тел. 070/477-786.
Мјузиклот е нешто што ги чува вредностите, ги пренесеува на младите, за да го разубави светот на возрасните. „ Сакам да сум Исцелител за да го лекувам светот, да се поправи секој дел, да го вратам вистинското значење….“, ова е една од пораките на мјузиклот.
Но да почнеме од почеток, да се потсетиме како започна целата приказна околу создавањето на центарот, а за сето тоа разговаравме со двете креативни битолчанки кои создадоа бренд во нашиот град, кој учи на соживот, на прифакање на различности преку она најубавото: танцот и музиката. Креаторката Анастасија Зулевска и режисерката на мјузиклот, професионалниот музичар Стефанија Милевска Враниќ, не воведоа во успешната приказна која опстојува 25 години: Центарот Анастасија.
Како започна цела таа приказна за формирање на центарот?
A.З- „Желбата да прикажам мои идеи во начинот на облекување го создаде модното студио „Анастасија“. Свој начин на гледање на модата и приказ на индивидуалност е линија која е зачувана и по 25 години. Така започнав да создавам уникатни модели, со свој стил и печат.
Тие модели беа презентирани на многу модни ревии, кои имаа свои концепти и пренесуваа пораки уште во далечните 90ти години. Потоа како надополнување беше создавањето на сценски модели за пејачи и танчери, а желбата за промена на визуелниот изглед на музичките фестивали, го создаде и балетското студио, кое исто така имаше нов пристап и уникатност на сите настани. Третата тема која се надополни е музичкото студио и подготовката на пејачи за вокална изведба и нивни сценски настапи. Со тоа се заокружи целата мисла во еден Центар, кој ги соедини сите овие елементи во Центар за изведувачки уметности, мода, музика и танц“.
На што сте најмногу горди за овие 25 години?
A.З- „На сите уникатни креации кои биле создадени и се во огромен број, на многуте манифестации, модни ревии, музички и танцови перформанси со посебен печат на уникатност и иновативност, на изградените артисти кои се обучија во „Анастасија“, препознатливи по слободниот израз, на енергијата која сеуште и денес ја поттикнува кративноста, на инклузијата на лица со попречености, на вредностите кои се зачуваа и создадените силни пријателства, кои се основа и темел за израстување на овој Центар во сериозна платформа за поддршка на младите уметници во Битола и регионот“.
Колку деца досега биле дел од центарот?
A.З- Во „Анастасија“ имаат членувано огромен број на деца, стотици, некои од нив сега се веќе возрасни и ги носат своите деца во нашиот Центар.
Од каде идејата за мјузикл? Како течат подготовките?
С.М.В.- Долги години „Анастасија“ прави спој на уметности, мода, музика и танц, со што стана интердисциплинарен центар. Сите овие области ги сплотува мјузиклот. Тоа е можеби најдобриот начин моментално да се изразиме. Нашиот мјузикл е нешто што ги чува вредностите, ги пренесува на младите, за да го разубави светот на возрасните.
Мјузиклот сам по себе носи возбуда, затоа што е доста комплексен и има танци, пеење, глума и костими. Интензивна работа и подготовки кои траат година дена. Процес на работа од почетници до професионалци. Време посветено да се совлада текст, да се научат песни, да се снимат и продуцураат песни, да се спреми кореографија, да се синхронизираат сите групи во едно, да се скројат и сошијат модели за секој учесник. По тој повод во музичкото студио Welcome to Stefanija’s Music World, се снимија и преработија 10 авторски песни, од вокалната група на центарот Анастасија. Сè направено со многу љубов. Среќни сме што нашиот труд конечно ќе резултира со дело кое ќе остане за генерации понатаму.
Која е пораката на мјузиклот?
С.М.В.- Мјузиклот „Исцелител“, повикува на будење за заштита на планетата земја, потсетува дека секој поединец треба да се пронајде себе си, да го прави тоа што навистина го сака и да помага на другите, да работи на личната самосвест и да негува вистински вредности, тогаш тој би бил навистина среќен и би успеал да се излекува себе си. Секој за себе си е „Исцелител“.
Кој се учествува во истиот?
С.М.В.- Во мјузиклот учествуваат околу 50 учесници, деца, млади и возрасни, пејачи и танчери, инструктори, членови на Анастасија Центар. Како дел од настанот ќе бидат вклучени и млади талентирани лица со посебни потреби кои посетуваат редовно часови по пеење, танци и музичка терапија во Анастасија Центар.
Костимографијата ја изработува креаторката Анастасија Зулевска. Музички секвенци создава Владимир Враниќ. Текстовите се од документарни материјали на самите учесници. Режија, музичка продукција, вокален тренинг и кореографија прави Стефанија Милевска Враниќ.
Да ги потсетиме нашите читатели што се може да се изучува кај вас?
С.М.В.- Анастасија Центар се состои од: школа за танц (модерен, современ и џез), школа за музика (соло пеење, хор, пијано и гитра), музичка терапија за лица со попречености, музичко студио и музичка продукција (Welcome to Stefanija’s Music World), мода (изработка на уникатни модели и манекенство), концепт на тренинзи за возрасни (Flow and Movement Concept Training).