По повод интернационалниот ден на жената – 8 март, во Културно-информативниот центар на Битола, беше презентирана изложбата на Друштвото на ликовните уметници .На изложбата беа презентирани делата на 19 членови на ДЛУБ реализирани во периодот 2022/23. Иако на слободна тема, изложбата содржеше две водечки мисли во контекст на празникот. Првата насочува кон аналогијата меѓу жената и уметничкото дело, односно појавата на метафизичкото и другото во физичкиот простор. Втората ги согледува причините за настанувањето на овој празник и затоа повикува кон поотворена и поискрена соработка меѓу самите уметниците, меѓу уметниците и различните институции со цел создавање простори каде може да се појави и сочува гласот на секој кутурен деец чии дела поинаку би останале неми и заборавени.
Присутните ги поздрави директорката на Културно информативниот центар од Битола, Лили Бошевска. „Почитувани уметници и љубители на уметноста, навистина ми е задоволство што започнуваме една убава и плодна соработка, токму со изложба посветена на празникот на жената. Сега уметнците имаат простор, ние имаме изложба, а добиваат и градот и љубителите на уметноста. Оваа институција е отворена за сите уметници“, истакна Бошевска. Претседателот на ДЛУБ, ликовниот уметник Васко Ѓоргиев ја отвори изложбата.
Делата се реализирани со традиционални и современи техники. Учесници на изложбата беа: Панде Петровски, Љубица М. Солак, Николче Српчански, Ванчо Кеков, Златко Крстевски, Ѓорги Зајаковски, Александар Поповски, Филип Јовески, Стефан Анчевски, Зана Восу, Алкивиадис Восду, Тони Попов, Петар Кирановски, Слободан Рајчевски, Васко Ѓоргиев, Анастасија Петрова-Мушовска, Валентина Илијевска, Динко Ненов и Дејан Макаријоски.
Фотографии: Љупчо Машлак