Home » 163 години од добивањето на „Ловоров венец“ за Прличев

163 години од добивањето на „Ловоров венец“ за Прличев

by culturalchat

Пред 163 години, Прличев во Атина ја добил наградата „Ловоров венец“. Имено На 25 март 1860 година, на традиционален конкурс во Атина, Прличев за поемата „Сердарот“ ја добива големата награда  за најдобра поема. Поемата излегла од печат истата година, а тој од стручната критика е наречен втор Хомер.

Поетската творба „Сердарот“ („О Арматолос“) се смета за апсолутен врв на сиот влог што го дал во уметноста на зборот овој творец. За книжевната наука оваа поема треба да се разгледува во контекстот на европската теорија на романтизмот. Дел од наградата било и бесплатно студирање во Берлин или Оксфорд, но таа награда Прличев можел да ја добие само ако се откаже од сè словенско во него – и тој ја одбил.

Според македонската енциклопедија, Григор Прличев е писател кому Македонија му е и љубов, и судба, и болка, и очај, и неопходност, и тага, и лулка, и гроб. Прличев е роден на 18 јануари 1830/31 година во Охрид, а починал на 6 февруари 1893 година. Татко му починал кога тој бил шестмесечно бебе, па грижата за семјството паднала врз мајка му. Неговиот дедо го научил да чита уште на четиригодишна возраст од некој стар грчки буквар. Освен овие податоци, во својата „Автобиографија“ Прличев го опишува основното училиште и тогашните учители, како и доаѓањето на Димитар Миладинов за учител на кого „мед му течело од устата“ кога зборувал.

Во 1850 година се запишал на Медицинскиот факултет во Атина што никогаш не го завршил. Кога дознал за смртта на браќата Миладиновци, Прличев ја напуштил Атина и се вратил во татковината за да се бори со владиката Мелетија (виновникот за затварањето на Димитрија). Од тогаш, па сè до крајот на својот живот, Прличев се борел со носителите на туѓото влијание во неговата татковина. Тоа ќе биде причината тој да биде прогонуван, па и затваран (во дебарскиот затвор).

Во 1871 година го објавил препевот на „Илијадата, а потоа во Солун ја напишал „Автобиографијата“. Во нашата литература ова е прво дело од ваков тип, напишано во проза. Мотивот за „Сердарот“, Прличев го зел од народната песна за Кузман Капидан, а бил инспириран од тешкиот живот на Македонците од западните делови на Македонија кои биле изложени на терор од страна на Гегите. Па дури и турската власт за да го заштити населението од грабежи, за да може после да им земе даноци, морала да организира заштитнички единици. Кузман Капидан бил водач, сердар на една таква единица.

Поемата е сочинета од 228 строфи со по четири стиха (катрени), од кои првиот и третиот стих се петнаесетерци, а вториот и четвртиот осмерци. Во неа мотивот и версификацијата (градбата на стиховите) се под влијание на народната македонска поезија, додека стилските особености — сложените епитети, мотивите и ликовите од грчката митологија, опширната епска нарација, описот на оружјето, на двобоите и градењето на ликовите се под влијание на Хомер.

Неговата родна куќа во Охрид на 6 февруари 2000 година, на големиот Прличев народен собир, беше отворена и возобновена и сега е меморијален музеј на Григор Прличев во сопственост и на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид.

 

 

 

 

Related Articles