Во КИЦ Битола беше отворена изложбата „Торза“ на македонскиот скулптор и визуелен уметник Андреј Митевски, со што Офицерскиот дом за прв пат стана домаќин на изложба на скулптури. За значењето на делата зборуваше Јасмина Котевска, историчар на уметност, која истакна: ,,Во скулптурите на Андреј Митевски, женското торзо се појавува како издвоена форма во која телото е истовремено присутно и отсутно. Она што недостасува не создава празнина, туку го активира погледот и ја поттикнува имагинацијата на гледачот да ја замисли целината. Овие торза не се само приказ на женското тело, туку потрага по неговата безвременска суштина.”
На изложбата се прикажани шеснаесет скулптури избрани од новиот циклус на авторот, посветен на торзото. Во нив се препознаваат асоцијации на праисториските Венери, симболи на животот, плодноста и создавањето, но и на античкиот идеал на мерата, хармонијата и пропорцијата.
Во творештвото на Митевски, потрагата по убавината и формата се изразува на различни начини. Некои торза се доближуваат до класичниот идеал на хармонично и прочистено тело, додека други ја напуштаат идејата за совршенство и ги оставаат видливи несовршеностите, неправилностите и трагите на времето врз самиот камен. Сензуалноста на торзата произлегува од самата форма – од ритамот на линијата, меките премини, односот меѓу испакнатото и вдлабнатото и светлината што се прелева по мермерната површина. Во нив убавината не е претставена како совршенство на телото, туку како внатрешна состојба – убавина што го надминува времето, ја надминува материјата и продолжува да живее во погледот на оној што ја гледа. Изложбата ќе биде отворена до 09.09.26.



