Home » 14 години без доајенот на македонското глумиште Петар Стојковски Бабец

14 години без доајенот на македонското глумиште Петар Стојковски Бабец

by culturalchat

На овој ден пред четиринаесет години во легендите замина доајенот на македонското глумиште Петар Стојковски Бабец. „Омилениот актер на публиката кој знаеше да ја насмее до солзи, најголемата радост на децата во ликот на Дедо Мраз, основоположникот на детскиот театар во Битола, дефинитивно легенда која никогаш нема да избледне во сеќавањата на неговите современици а ние ќе направиме сѐ неговото дело и лик да го знаат и паметат и новите генерации. Почивај во мир Бабец“, истакнаа од Бабец Театарот од Битола .Роден во Битола во 1930 година, каде што завршува основно и средно образование: во училиштето „Кирил и Методиј“ и во битолската гимназија, во која уште од почетокот и се приклучува на тогашната силна драмска група. Улогата на Милован, во претставата „Фамилијата Бло“, од Љубинка Бобиќ е негова прва улога во Народниот театар во Битола како професионален актер, по која ќе почне да ја гради својата богата и впечатлива актерска кариера. Низ годините што ќе следуваат ќе добива се’ поголеми и позначајни ролји што остануваат забележани во историјата на македонскиот театар. Одиграл значајни улоги во претставите: „Швејк во Втората светска војна“ од Б. Брехт, „Дундо Марое“од М. Држиќ, „Мистер Долар“ од Б. Нушиќ, „Монсерат“ од Е. Роблес, „Чорбаџи Теодос“ и „Бегалка“ од В. Иљоски, „Глувечка патека“ од М. Ѓарваш, „Арсеник и старите тантели“ од Џ.О. Кесерлинг, „Вук Бубало“ од Б. Ќопиќ и други, режирани од Љубиша Георгиевски, Душко Наумовски и други режисери.
Колегите од Народниот театар од Битола каде што и ќе се пензионира во 1993 година, овој негов интензивен и значаен актерски период го именуваат како златен период  за Петар Стојковски – Бабец, а за неговата, исто така, значајна режисерска работа, ќе речат: „Застанувањето зад режисерскиот пулт не значи амбициозност да се биде режисер, туку тоа во неговиот случај е изнудено, од една страна, како што самиот велеше, од преголемата љубов за работа со деца и за деца“. Во долгата листа на негови режирани дела се и „Педаче“, „Сенката на господинот Вип“, „Убавица и ѕвер“, „Волшебникот од ОЗ“, „Пипи долгиот чорап“, „Трите волшебни кучиња“ и многу други. Бабец во Битола 55 години беше познат и како Дедо Мраз, од нив дури 40 години, беше и единствен таков лик кој им носеше среќа и надеж на своите сограѓани. Дедомразовската кариера ја заврши на 78 години.

 

 

 

 

Related Articles