12-годишниот Ајдин од Сребреник , Босна и Херцеговина, ги стопли срцата на сите Македонци со изведбата на „Јано Мори“, најмногу сака да пее босански севдалинки и македонски традиционални песни, а сега ја испеа и „Зајди Зајди“. Неговиот професор по музичко, Јасмин Брашниќ, на социјалните мрежи ги објави видеата во кои Ајдин ги пее македонските песни на часовите. Ајдин Османовиќ, кој е шесто одделение, иако се уште не бил во Македонија, многу ја почитува и сака Македонската култура и музика а посакува набрзо и да ја посети нашата земја.
Ова не е првото видео од момчето кое професорот го објавува; претходно, тој сподели и видео на кое Ајдин ја пее „Шпанске лаџе“ во а капела стил, најпредизвикувачкиот облик на интерпретација.Видеото покажува совршена соработка и комуникација помеѓу наставникот и ученикот, што резултира со прекрасен приказ на емоции. Веднаш по објавите видеата постигнаа голема гледаност и коментари со поддршка од целиот регион.И професорот и малиот Ајдин се благодарни за целата поддршка која ја добиваат и порачаа дека Македонската музика и понатаму ќе се наоѓа на нивните часови, а професорот Брашниќ е убеден дека малиот Ајдин ќе има светла иднина. Наскоро истакнаа дека ќе има и други објави со видеа од македонски песни.