Home » Премиера на „Галеб“ викендов во Битола

Премиера на „Галеб“ викендов во Битола

by culturalchat

Есенската сезона во Битолскиот театар започнува со премиерната изведба на претставата „Галеб“ на Антон Павлович Чехов, во режисерска поставка на Багрјана Попов. На денешната прес конференција, присутните ги поздрави новоизбраниот директор на Битолскиот театар Васко Мавровски, кој го претстави новото логото на театарот посветено на јубилејот и истакна дека Битолскиот театар е идентитетски столб на Битола.„Сметам дека овој театар има потенцијал да се врати таму каде што беше, имаме потенцијал да бидеме повторно најобриот театар во Македонија, да го оправдаме приматот дека сме најстариот театар во државата каде за прв пат се проговорило на македонски јазик. Мојот мотив да се нафатам да бидам раководител на оваа институција пред се е затоа што истата е идентитетски столб на Битола. Културен храм и затоа оваа прес конференција одлучив да се случува точно во храмот каде се создава уметноста. Мојата нова визија се темели на две точки: да ја вратиме публиката во театарот и да се посветиме на традицијата на македонската драматургија бидејќи заборавивме дека ова е Народен театар Битола.Театар кој припаѓа единствено на публиката и на народот и ние сме должни како институција да понудиме програма која ќе има интерес кај сите: од децата до највозрасните“.Театарот го очекуваат 4 премиери и неколку гостувања како и настаните околу јубилејот.

„На 6.октомври гостуваме во Полска со претставата „Хамлет денот на убиствата“ во режија на Марјан Неќак. На 16. октомври ќе се одржи премиерата на монодрамата на доајенот на Битолскиот театар, Соња Михајлова, претстава во режија на Благој Мицевски.На 25.октомври имаме премиера на претставата „Ричард трети“ во режија на Мартин Мирчевски, проект одобрен од Министерството за култура и на 14.ноември по повод 80 години на Битолскиот театар, публиката ќе има можност да ја види претставата „Ѓоре Магаревски 80 години потоа“.Ќе го одбележиме јубилејот со првата претстава која се одиграла на македонски јазик во слободна Македонија“, додава Мавровски.

Како што беше истакнато на денешната прес-конференција, драмата што Чехов самиот ја нарекува комедија, носи и порака за кршливоста на човештвото, гледано низ призмата на односот на луѓето кон природата. Режисерката Попов која соработува со Битолскиот театар повеќе години, посочи дека во претставата се зборува за страдања, но и за љубовта.Ова е моето трето искуство да режирам со актери од Битола. Сум режирала дела од Чехов многупати досега, лично сум заинтересирана за две или три теми од неговите дела. Тука е пред се искреноста во односите помеѓу луѓето, присуството на езерото и галебот, но и односот на луѓето кон околината, природата. Кога мислиме за езеро, помислуваме на Преспа, на Охрид и што тоа нас ни значи. Тука е и темата за младите, што правиме за нив, и што им оставаме, на што ги учиме и каква надеж им се дава како луѓе и како уметници“.

Илија Волчески од театарот во Прилеп кој ја толкува главната улога во претставата, истакна дека е среќен што соработува со Битолски театар затоа што е полубитолчанец.„Секогаш е добро кога менувате средина затоа што кога работите постојано во еден ист театар, на некој начин навикнувате на екипата и колегите што се околу вас. Оваа премиера која треба се случи во Битолскиот театар за мене лично е позитивно искуство и на некој начин ме изваде од некоја комфорна зона“.

Рече дека Чехов отсекогаш бил предизвик за актерите, уште од академските денови било чест и обврска да се обработуваат неговите дела и ликовите во неговите драми.

„Секој човек има позитивни и негативни страни, но конкретно мојот лик е слеп поради околностите што му се случуваат, што воопшто не може да ги види позитивните страни. Се што му се случува околу него, го турка во некаква бездна каде излезот можеби е многу едноставен, но тој се гуши и не гледа светла точка на крајот од тунелот“.Во претставата публиката ќе ги види уште: Јулијана Мирчевска, Катерина Аневска- Дранговска, Васко Мавровски, Леонида Гулевска, Соња Ошавкова, Александар Димитровски, Живко Борисовски, Валентин Дамчевски и Дарко Велкоски.

„За еден актер е предизвик да игра било кој лик од Чехов.Средбата со мојот лик, ликот на Нина, и со нејзиниот багаж кој таа го носи во себе и средбата со мојот личен багаж, и сето тоа да се слее во едно, беше предизвик и благодет за мене како актер“, истакна Катерина Аневска- Дранговска.Актерката Јулијана Мирчевска рече: „Она што е важно за мојот лик и тоа е еден дел од оние теми кои ги разработува Чехов е односот на мајката кон нејзиниот син. Сосема несвесно му го уништува животот на Константин кој мене ми е еден од најблагородните ликови кои ги има Чехов и една опомена за тоа колку е важна мајчинската љубов, колку е важно семејното прво признавање, за едноставно да му дозволиш на детето да ги рашири крилата и да летне во светот и да го зграби животот и да го живее.Во последно време мене ми се случуваат такви вртлози кои ги носи животот како во драма на Чехов, само сакам да кажам дека премиерата сакам да ја посветам на моите родители“.Сценографијата за претставата ја осмисли Валентин Светозарев, костимите се на Благој Мицевски.

„Режисерскиот пристап на Попов е филмски, скоро документаристички, таа го прави Чехов онака како што тој заслужува. Јас би го нарекол тоа како зумиран Чехов или Чехов преку лупа и како навидум неважни работи стануваат важни од смисла: костимот од кој материјал е, боја, дали е оригинал доминото или шахот или не е, тие работи кои се обработуваат во филмовите, во оваа ситуација се работеа и во театар“, истакна Мицевски.

 Багријана Попов е наградувана театарска режисерка, драматург и актер. Соработувала со признати актери во Австралија и Европа.Таа покажува длабок и траен интерес за драмите на Антон Чехов и ги има адаптирано и режирано неговите четири главни драми. Театарската адаптација на „Вишновата градина“ – на „Прогрес и меланхолија“ – освои 3 награди, меѓу кои и награда за најдобра режија. Нејзината поставка на „Чичко Вања“ од Чехов, во продукција со „Ла Мама“, беше изведена со високи пофалби на фестивалот во Аделаида во 2019 година.

За музичката подлога се погрижи Александар Димовски.  Претставата имаше премиера на годинешното Охридско лето, а битолската премиера ќе биде изведена на 14.09 со почеток од 20 часот.

 

 

 

 

Related Articles