Во Свечената сала на Офицерскиот дом – КИЦ Битола, кој е храм на класичната музика, во тек е 7-то издание на Интернационалниот пијано натпревар Piano fest 2025. Истиот беше отворен со настапот на НУ Камерен оркестар Битола и лауреатот на Piano fest 2024 Златица Лазарова.„ Да се настапи како солист со оркестар, е еден од највозвишените, но и најпредизвикувачки моменти во кариерата на секој музичар кој бара техничка виртуозност, длабока музикалност и силна психолошка подготвеност. Златица со својот музички израз, техничка прецизност и емотивна интерпретација ја освои битолската публика и покажа зрелост и искуство што ретко се среќаваат кај толку млади музичари. Нејзиниот настап беше дел од програмата на оркестарот, кој под водство на диригентот Вангел Мажевски приреди вечер исполнета со виртуозност и длабока музичка емоција“, истакна професорот на Златица, Благој Јанев.
Организатор на настанот и натпреварот е Здружението на пијанисти и музички педагози ПИЈАНО Битола, во соработка со ЈОУ КИЦ Битола и секако поддршка од Општина Битола и Министерство за култура. „Пијанофест“ е меѓународен натпревар на кој оваа година настапуваат 110 млади музичари од 9 земји ширум светот, носејќи нова енергија и талент на македонската музичка сцена. Оваа година натпреварувачите се поделени во три категории: Пијано соло, Пијано четирирачно и Теоретски отсек облигати.На настанот присуствуваше и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски. Програмата е по слободен избор, но опфаќа најмалку две стилски различни епохи и не ја надминува дадената минутажа за секоја категорија поединечно. Комисијата на натпреварот е составена од еминентни пијанисти и педагози од Македонија и странство и тоа: Тереза Тревисан од Италија, Паола Кондакци Албанија, Душан Сутон Србија, Ана Гацева Македонија и Гоара Лазиќ, Русија / Србија.
Сите кои изведуваат дела од Фредерик Шопен, ќе настапат на завршната вечер и имаат можност да се натпреваруваат за наградата „Јасминка Чакар“, која вклучува: Парична награда од 300 евра, Плакета. Оваа награда е воведена во чест на истакнатата македонска пијанистка и професорка Јасминка Чакар и нејзината љубов кон музиката. Здружението ПИЈАНО ја промовира класичната музика и вредностите кои таа ги носи сама по себе. Формирано во 2018 година од професионални педагози по пијано како и од група ентузијасти и љубители на класичната музика, ова здружение има за цел да го подигне нивото на музичката култура, културата за слушање на класична музика, како и да имплементира еден нов начин на едукација на младите таленти кои што во иднина ќе ја продолжат музичката традиција, преку интернационални проекти, семинари, работилници, мастеркласи и сл. Здружението Пијано исто така ги стимулира, поттикнува и мотивира младите музички надежи од нашиов град, од државава и пошироко за развој на нивниот талент и интеркултурна размена на искуства и идеи и со таа цел организира активности во текот на целата година.
Приказната ПИЈАНОФЕСТ започнува во 2019та година, со идејата за културно раздвижување, а резултира со успешен настан и учесници не само од нашата земја, туку и од Србија, Италија, Албанија, Ермениа, Косово, Полска, Хрватска, Бугарија, Црна Гора, Малта и други земји. Од година во година интересот за натпреварот е се поголем, и големото “Пијанофест семејство” се повеќе расте. Битола живее во звуците на пијаното.