Home » 100 учесници на Музичкиот маратон во Битола за празникот на градот

100 учесници на Музичкиот маратон во Битола за празникот на градот

by culturalchat

Државното музичко училиште е голем дел од хрониките на овој град. Од 1947- мата година, па до денес претставува извор и голем двигател на културното живеење на градот. Неговите ученици отсекогаш го прославувале доброто име на институцијата и придонесувале кон впечатокот за Битола, која е ризницата на таленти.

Па така како дел од програмата на општина Битола, по повод одбележувањето на Денот на ослободувањето на градот, беше Музичкиот маратон, кој се одржа во Офицерскиот дом, во организација на Државното музичко училиште во соработка со Општината. Трета година по ред младите музичари го прославија денот на градот, 4. Ноември, со своите изведби. Оваа година на маратонот настапија  100 ученици од 6 до 18 годишна возраст, распоредени во 5 концерти.

Во прекрасниот Офицерски дом прозвучија композиции на пијано, виолина, флејта, саксофон, кларинет, хармоника, соло пеачи, камерни состави. Учениците изведуваа дела од различни класични композитори во времетраење од 6 часа и со тоа покажаа зошто ова училиште има толку долга традиција и потврден квалитет.

Државното музичко училиште спаѓа во редот на најстарите училишта во Македонија, училиште кое е еден од брендовите на нашиот град и кое што оваа година одбележува 76 години од своето постоење .

Голем број на завршени ученици од ова училиште се гордост за музичката култура на градот и Р.Македонија. Тие се дел од Македонската Опера и Балет, Македонската филхармонија, СОКОМ, наставници во основните и средните училишта, професори на ФМУ во Скопје и Штип. Некои ученици станаа познати естрадни уметници во државата и надвор од неа, а некои се на пат да станат големи уметнички ѕвезди. Сите тие се гордост на училиштето. Тука се и големиот број на награди и признанија на домашни и интернационални натпревари. Како институција со високи професионални квалитети, активно е вклучена во културното живеење на градот и регионот, организирајќи концерти по повод отворање на изложби, литературни презентации, соработка со други здруженија, институции, како и со фестивалот на класична музика „Интерфест – Битола“; „Шопенова Вечер“; Фестивал на млади пијанисти организиран од ЕПТА и мн.др. Во својот 76 годишен развој оваа институција бележи постојан подем по однос на видот и бројот на образовни профили и растот на бројот на учениците.

 

Related Articles