Home » 100 години од раѓањето на Великанот Кирил Македонски

100 години од раѓањето на Великанот Кирил Македонски

by culturalchat

Оваа година се навршуваат 100 години од раѓањето на битолчанецот Кирил Македонски, автор на првата македонска опера „Гоце“ која за прв пат беше изведена пред 70 години. НУ „Завод и музеј“- Битола со гордост го чува клавирот на кој што Македонски ја компонираше првата македонска опера. По повод големиот јубилеј, подготвуваат свечено одбележување.Имено Кирил Македонски е роден на 19.01.1925, во Битола. Поради несомнениот музички талент, на 11 години почнува да учи виолина. По завршувањето на основното и средното училиште, во 1947 година се запишува на Музичката академија во Загреб на одделот за диригирање и композиција, во класата на Крсто Одак, а потоа во Сараево во класата на Иво Бркановиќ. Композиција магистрира во Љубљана кај композиторот Луцијан Марија Шкерјанц. Во 1970 година шест месеци престојува во Варшава како стипендист на полската влада, а во 1974 година се усовршува на Меѓународниот курс за современа музика во Дармштат. Паралелно со компонирањето се занимава со педагошка дејност, а особен акцент во последните децении од животот им дава на истражувањата од областа на музичката психологија, поконкретно – музикотерапијата. Тој беше автор на првото симфониско дело од македонски автор ; првата симфониска поема, првата клавирска соната, првата кантата, првата оперета за деца од македонски автор. Освен како композитор, музикотерапевт и професор, Кирил Македонски на многу дела се јавува како текстописец, либретист, режисер и диригент. Ја напишал музиката за филмот “Македонска крвава свадба”, но и музика за други долгометражни и документарни филмови. Бројни песнички за детски фестивали. Бројни хорски аранжмани инспирирани од македонскиот фолклор. Бројни стручни трудови, признати на меѓународно ниво. Голем дел од неговите сознанија во вид на реферати се претставени, претежно пред странската јавност за што има добиено меѓународни признанија. Најзрелото дело на Кирил Македонски е операта „Цар Самуил“ пишувана од 1962 до 1966 година врз сопствено либрето. Тука е и операта„Илинден“ од 1972 година. Покрај оперите, Кирил Македонски напишал и пет симфонии, 20 свечени песни-химни, камерни дела, соло-песни, а балетот „Делфина“ и ораториумот „Кирил и Методиј“ никогаш не биле изведувани.Кирил Македонски е носител на меѓународното признание „Диплома за музикотерапија“, издадено од Меѓународниот биографски институт од КембриџАнглија. Исто така, во публикацијата на УНЕСКО, национална комисија за Белгија, тој е забележан како работник во областа на музикотерапијата во светот. Починал во Скопје на 2 јуни 1984 година.

Related Articles