Home » 10 години 3Д кино Битола

10 години 3Д кино Битола

by culturalchat

Со промоцијата на филмовите Штрумфови 2 и Гравитација во Центарот за култура пред точно 10 години се отвори првото дигитално 3-Д кино во Битола. Градот ја доби најсовремената опрема и започна со редовни 3Д проекции на најнови филмски остварувања. Битолчани со радост го дочекаа новото кино. Почетокот на редовниот репертоар се одвиваше под мотото „Се гледаме на кино“ кое е опремено со ултра модерен дигитален 3-Д кино проектор од водечкиот светски производител на дигитални проектори „Барко“ со можност за проекции во висока 2К резолуција. На репертоарот има филмови за сите генерации, за децата, тинјџерите и за возрасните.

Киното е со капацитет од 800 седишта кои за 3-Д филмовите се ограничени на 400 седишта. Постоечкото кино платно беше заменето со ново високо рефлективно, а за новиот сараунд звук инсталиран беше Долби систем ЦП-650. Со овој зафат градот доби современо кино со кристално чиста слика и перфектен звук. Кино репертоарот се одвива во текот на целата година и притоа се емитувани светски кино-хитови.

Роденденот на 3д киното е во рамките на одбележување на 43-тиот роденден на Центарот за култура Битола, нашиот светилник на културата, креативноста, но и на заедницата. Имено повеќе од четири децении, овој храм на културата е витален центар, каде одекнува живописното чукање на срцето на творците кои ја избрале уметноста како форма на изразување. Тоа е повеќе од место, тоа е локација на спомени и безброј соништа на многу генерации.

 

 

Related Articles