По повод Денот на љубовта и виното, се одржа концерт на Националниот џез оркестар со еден од најдобрите џез вокали на овие простори, но и пошироко, Џон Илија Апелгрен. Концертот на кој беа изведени дел од најпознатите хитови на Френк Синатра, во интерпретација на Апелгрен, се одржа во салата на Македонската опера и балет.
Френк Синатра се смета за „најголемиот машки поп-пејач во историјата на Америка,“ а некои ќе речат и „најголемиот пејач на 20 век“. Неговата харизматична појава се карактеризира со ретка комбинација на исклучителен вокал и способност да се биде шоумен, карактеристики кои му обезбедија три ѕвезди на Булеварот на славните во Холивуд за неговата работа во филмот и музиката.
На програмата беа изведени дел од најпознатите хитови на Френк Синатра, адаптирани за изведба со биг бенд состав. На сцената Апелгрен беше придружуван од страна на членовите на Националниот џез оркестар. Па така публиката имаше можност да ги чуе: „Come fly with me“, „Fly me to the moon“, „New York, New York“, „Something Stupid“ која ја изведе заедно со Јана Трпкова, „The Best Is Yet to Come“ која Синатра за последен пат ја испеал „во живо“, три години пред да почине, но и песните „Day in-day out“, „That’s life“, „Tangerine“, „Bad bad, Leroy Brown“.
Атмосферата на концертот беше надополнета со видеобимот, како и со кореографија на солистите на Македонската опера и балет. Џон Илија Апелгрен е македонски џез вокалист, еден од најдобрите вокали на овие простори и пошироко. За првпат со песна од репертоарот на Синатра настапил во 1989 во Лондон. Но, за него најзначајна била ‘Њујорк, Њујорк‘, која всушност му ги отворила вратите кон Биг бендот на тогашното Радио Скопје. После тоа соработувал со Илија Пејовски, кој за него ги направил првите аранжмани за биг бенд, но и со диригентите Александар Џамбазов и Кире Костов, како и со целиот Биг бенд. На 90 проценти од неговите настапи имало барем неколку песни од репертоарот на Синатра. Диригент на концертот беше Емин Џијан.
Апелгрен зад себе има 39-годишно искуство на македонската музичка сцена од кои 35 години како џез изведувач кој настапувал со биг бендот на МРТ, биг бендот на ЗЏМ, и Македонската фихармонија, како и со голем број помали формациски состави. Во текот на неговата музичка кариера има снимено повеќе од 150 џез стандарди. За во иднина најави и неколку интересни музички проекти. Ова беше втор концерт на Националниот џез оркестар откако добија многу позитивни критики за првиот насловен „Џез нова“.