Во просторот на УЧИЛНИЦА се одржа новото издание на „Свесност live session“ под наслов ЉУБ•ОФ – културно-психолошки разговор посветен на љубовта како креативна, лична и општествена сила. Настанот започна во 17:00 часот, во препознатлив after work амбиент – публика што доаѓа директно од работниот ден, но подготвена за разговор што оди подлабоко од секојдневието. Темата звучеше едноставно: љубов. Но вечерта покажа дека љубовта не е романтичен декор, туку материјал од кој се создава уметноста и личното искуство.
Музичарот Бранислав Николов ја отвори дискусијата со идејата дека љубовта има ритам.
„Кога се води љубов, се прави во ритам. Кога се заспива дете – во ритам. Кога пловиме по бранови – во ритам. Љубовта и страдањето се во ритам“, истакна Николов.
Тој ја поврза љубовта со меморијата и мирисот, нагласувајќи дека „мирисот е последното нешто што го задржува сеќавањето“, споредувајќи ја песната со парфем што трае и по завршувањето на моментот. Во својот осврт кон креацијата, потенцираше дека уметноста почесто произлегува од болката отколку од вознесот: „Вознесот го живеам. Поголема е потребата да ја искажам болката.“
Визуелната уметница Бојана Артиновска љубовта ја дефинираше како присуство.
„Љубовта е постојана во животот. Таа е присуство. За себе, за другите, за уметноста“, нагласи Артиновска. Таа зборуваше за процесот на интеграција на болката како предуслов за создавање. „Кога сум во болката и немам контрола врз себе, не можам да сликам. Кога ќе ја прифатам, станува плодно тло.“ Според неа, љубовта, како и уметноста, расте само кога е споделена и возвратена. 
Од театарска перспектива, актерот Никола Стефанов ја отвори темата како парадоксално искуство. „Љубовта кон театарот е парадокс – веруваш во нешто што не постои“, изјави Стефанов, додавајќи дека тишината е потешка за изведба од текстот. „Во тишината нема простор за лага. Среќата не се глуми. Таа се живее.“ Разговорот го модерираше проф. д-р Марина Кузмановска, која дискусијата ја постави во психолошка и културна рамка, отворајќи ја љубовта како динамика што го обликува личниот и колективниот идентитет, а не како романтичен мит. Музичкиот сет на BerryQyat дискретно ја одржуваше атмосферата, додавајќи звучен контекст на разговорот и создавајќи амбиент што ги поврза зборовите со телесниот ритам на просторот. По завршувањето на настанот, разговорите продолжија во неформални групи, што потврди дека темата ја надмина рамката на панел-дискусија и се претвори во лично преиспитување. Организаторите најавија ново издание на „Свесност live session“ на крајот на март, со нова тема што повторно ќе ја отвори врската помеѓу културата, психологијата и современото живеење.
ЉУБ•ОФ: Кога уметноста и психологијата разговараат за љубовта во СВЕСНОСТ
previous post

