Од 9ти до 20ти Ноември во просториите на КИЦ Битола-Офицерски дом, ќе се одржи Јубилејната изложба на ДЛУБ по повод 50 години од основањето на Друштвото на ликовни уметници Битола. На изложбата ќе бидат претставени над шеесетина дела од околу четириесет автори, активни членови како и дела на основоположнците на самото друштво, некои од нив доајени на македонската уметност. Борислав Траиковски, Тоде Ивановски, Ранко Стурмениковски, Перо Спироски, Стојан Апчевски, Коста Хаџи-Антоновски како и Панде Петровски, Драган Најденовски, Тони Николовски,Владимир Младеноски, Александар Поповски, Татјана Манева, Владимир Симоновски, Сандра Котевска, Љубица Мешкова-Солак, Ване Костуранов, Перо Кованцалиев, Филип Јовески и др. се некои од имињата присутни на овој настан. Друштвото во својата историја има реализирно многубројни групни и самостојни изложби на државно и меѓународно ниво, како и учествувано и поддржувано настани од хуманитарен и културно-уметнички карактер. Тоа е појдовна точка за секој млад уметник во градот и пошироко и преку своите активности врши континуирна педагошка дејност и образува аматери и љубители на уметноста. Оваа година во тек со јубилејот, во своите простории се претстави со самостојните изложби на уметниците Вера Христовска-Умка од Битола(фотографија), Владимир Младеноски од Подгорци(сликарство), Перо Кованцалиев од Скопје(скулптура), Владан Рангеловиќ од Ниш(цртеж), Владимир Лазоски од Скопје(сликарство), и изложбите во најава на Стефан Анчевски од Куманово(сликарство), на аматерот Билјана Толевска-Наумовска од Битола(акварел), Софија Антониакаки од Грција(акварел), како и изложбата Варнус 2 во меѓународна соработка со Академијата за уметност од Лерин во НУ Завод и музеј Битола оддржана во месец април. Друштвото брои над шеесет членови, број во постојан раст, од повеќе градови од Македонија и од соседните земји. На изложбата ќе се доделат и двете награди: Ноемвриската и Борислав Траиковски, наменети секоја година за членовите на Друштвото. Изложбата е дел и од настаните организирани од општина Битола по повод 4ти Ноември – 80 години од ослободувањето на градот. Изложбата ќе се отвори во сабота 9-ти во 20:00 часот во КИЦ Битола-Офицерски Дом, а вечерта ќе биде иаполнета со репертоарот на музичкото трио Балканатолија.