Home » „Јас пак сум на сцена “- Сашо Ристовски по повод наградата за најдобар актер

„Јас пак сум на сцена “- Сашо Ристовски по повод наградата за најдобар актер

by culturalchat

Актерот Сашо Ристовски на фестивалот за детски театарски претстави ,,Малиот принц” во Штип ја доби наградата за најдобар актер за улогите на Озо и волшеникот Бозо во претставата за деца ,,Во домот на Волшебникот”.

Покрај многубројните улоги на сцена низ годините, ова е прва награда за Ристовски во неговата професионална кариера. По скоро две децении на театарската сцена, со над 30 премиери за деца, безброј изведби, многу гостувања, оваа награда е верификација за неговата посветеност и љубов кон неговиот живот – театарот.

„Живот без кој не би бил жив. Од срце се заблагодарувам на мојата искрена публика-децата, на мојата екипа Театар ХИТ, и на сите мои колеги со кој сум соработувал во овие без малку 20 години. Особена благодараност упатувам до моето семејство кое секогаш е со мене, моите родители од кои ја имам максималната поддршка. Им се заблагодарувам на моите искрени пријатели кои веруваат во мене и јас во нив безрезервно. Длабок поклон упатувам до стручната жири комисија и до управата на фестивалот која секогаш безрезервно верува во нашата продукција. Драги мои ви ветувам и во следниот период многу квалитетни претстави за деца и многу театар. Ми дадовте ветар во грб, да можам да го прелетам сиот свет“, напиша Сашо на социјалните мрежи по повод наградата. Тоа беше повод и за нас да го контактираме и поразговараме со него.

За наградата ни рече:

С.Р.- Наградата на фестивалот за детски претстави ,,Малиот принц” за мене беше големо изненадување. После 20 години творење и играње детски претстави добивам награда за најдобра машка улога. Оваа награда е моја прва награда до сега, некако не сум миленик на жирињата па наградите ме заобиколуваа до сега. Бев изненаден, но навистина премногу ми значи. Во претставата која учествуваше на фестивалот до мене како партнери на сцена имав две дами, доајенката на македонскиот театар Магдалена Ризова-Черних и младата и надежна Тамара Ангелеска на кои сум им особено благодарен. Претставата ,,Во домот на Волшебникот” навистина ми донесе волшебство,награда, која ме обврзува уште повеќе да творам и да размислувам секојдневно за иновативноста, едукативноста и сериозноста на детските претстави во ова време, кое мора да го надминеме сите заеднички. Да добиете награда, тоа не значи дека тука застанува и до тука бил врвот на креативноста, напротив, таа ве обврзува за уште повеќе, ви дава ветар во грб дека треба да имате сила да искачите уште скалила во креативното небо.

Токму Ристовски е препознатлив како миленик на децата, по улогите во детските претстави. Го запрашавме каков предизвик е да се игра во овој вид на претстави?

С.Р.- Тоа е огромен предизвик и не секој го умее тоа. Зошто? Децата се најискрената публика, тие или те прифаќаат или не. Средина нема. Тоа е и занает. За жал некои ги фрустрира играњето за деца, но незнам зошто. Мене ме импонира. Ако знаете да го насмеете детето, ако успеете да го задржите неговото внимание, тогаш лесно ќе е со возрасната публика. Одговорноста е голема, а работата за деца е благодарна. Секоја изведба е различна и е сама за себе како премиерна, бидејќи децата секогаш различно реагираат, мислам на различни ситуации во претставата. Особено доколку претставата е интерактивна, таа е предизвик со кој треба да се носите, паралено да ја задржите актерската и режисерска линија,а и да се вклопите во интерактивниот момент кој е многу опасен. Но, тоа е искуство, затоа и не секој може да се носи со таа одговорност.

Колку е значајно посебно денес, да едуцираме публика за во театар?

С.Р.- Многу, дури и премногу. Затоа велам дека треба многу да се создаваат претстави за деца и треба обврска да биде барем еднаш во месецот да се посетува театарска претстава, бидејќи на тој начин децата ги растеме и ги созреваме како вистинска театарска публика. Многу често треба и родителите да ги носат децата во театар, не само на драмска претстава туку и на балетска, на концерт за деца…само на тој начин можеме да изградиме вистинска сериозна театарска публика. Со носењето во театар детето не само што гледа претстава, туку се запознава и со театарскиот бон тон.Исто така институциите од областа на културата треба обврзно да имаат проекти за деца кои пред се ќе бидат со примамливи едукативни иновативни и педагошки содржини. Мора уште повеќе да се креираат и фанасираат проектите за деца. Едукацијата на детската публика е важна за театарот во иднина, бидејќи годините бргу минуваат, децата растат и стануваат публика за следење на претстави од светски и домашни автори кои се на репертоарот за возрасната публика.

Како Ристовски ќе ја памети годината која измина?

С.Р.- Годината што измина за мене почна тешко, но заврши успешно. После сериозна операција и здравствениот проблем на почетокот на 2023 , некако полека но сигурно почнаа работите да ми се менуваат на подобро. Создадов многу за една година на професионално поле. Четири режии, една комедија и три претстави за деца. Напишав три драмски текста за деца кои имаа премиери, тоа се: ,,Во домот на Волшебникот”, ,,Разгалениот принц” и ,,Далматинко и Дедо Мраз”. Морам да ја издвојам и премиерата на хит комедијата ,,Обвинителка” која по моја замисла и идеја ја напиша Огнен Неделковски,а јас ја режирав и играв во неа. Покрај мене на сцената беа: Лидија Вукиќевиќ, актерка која на нашата публика и е позната по серијата ,,Бољи живот”, Магдалена Ризова- Черних која е доајен на македонскиот театар со 30 години актерска кариера и подоцна на тимот се приклучи младиот талентиран и харизматичен млад актер Бранко Атанасов.

Игравме над 30 изведби од март до ноември во преполни сали и уште се бараат изведби на оваа хит комедија, комедија на ситуации и без вулгарности. Годината која измина ќе ја паметам и по изведбите и турнеите со детските претстави.Дружбата со моите најблиски колеги и соработници. Тоа што за мене е од исклучително значење е отварањето на мојот приватен театар, Театар ХИТ кој создава претстави кои се од жанрот комедија и секако претстави за деца. Не само во областа на театарот што имав кам бек, јас се вратив и на снимањето народни приказни. Првата епизода која е насловена ,,Аманет” е веќе готова и следува нејзино премиерно емитува, а потоа продолжуваме со снимања. Едноставно исполнета 2023 година, таква беше, година на мојот кам бек.

На приватно поле сум благодарен на бога што мојата најголема поддршка – семејството се здрави и сите сме заедно и секој слободен момент го минувам со нив.

Во кои се претстави играше?

С.Р.- Играв исклучиво во претставите кои ги продуцираше Театар Хит, а тоа се: хит комедијата ,,Обвинителка” и претставите за деца : ,,Во домот на Волшебникот”, ,,Разгалениот принц” и ,,Далматинко и Дедо Мраз”. Во мојата матична куќа НУ Театар Комедија немам претстави на репертоар, бидејќи во сите кои играв уште пред три години беа тргнати од редовниот репертоар. Но и покрај се пак сум на сцена и постојано играм. Ако искрено сакате нешто, никој неможе да ви го одземе тоа. Што вас ви припаѓа, тоа ви доаѓа само по себе. Само добра, позитивна и искрена мисла дава резултат. Јас пак сум на сцена!

Да се вратиме на почетоците: минатото, како и кога се роди љубовта кон театарот?

С.Р.-  Од кога знам за себе. Моите родители работеа во театар, сега се среќни пензионери и исклучително горди на тоа што допринеле за театарот. Како дете одев кај нив на работа, гледав проби, претстави секоја вечер. Паметам исклучителни квалитетни претстави кои долго се играа на репертоарот од големи режисерски имиња. Многу сакав кога ќе заврши претставата да истрчам позади сцена, да се шетам таму, да ги разгледувам костимите,да се поздравам со актерите… Се сеќавам еднаш како дете направив голема беља на училиште и моите ме казнија да не одам еден период во театар. Тоа беше болна казна за мене. Но, јас и покрај тоа знаев да отидам барем до билетарата или во бифето да ги видам големите актерски имиња. Секоја вечер бев на претстава, собирав слики и текстови од стари претстави…Јас живеам од дете во театарот и за театарот и затоа обидот на некои беше не успешен да ме тргнат од тој свет. Тоа е божја определба. Тоа е мисија која ти ја дал бог и никој освен него неможе да ти ја одземе.

 

Related Articles