Проектот „Шарен свет за најмладите од Битола – Креативен подарок за децата“ претставува еден поинаков и креативен придонес во програмата „Зимска приказна 2024/25“ на Општина Битола. Оваа иницијатива имаше за цел да издаде и бесплатно да дистрибуира уникатна боенка со наслов „Шарен свет за најмладите од Битола“, создадена од битолската авторка и уметница Кети Радевска. Таа како карикатуристка и инспиративен творец, секојдневно работи со најмладите во Детската градинка „Пролет“, каде ги црпи идеите за своите креативни дела.Боенката содржи: 14 оригинални цртежи во црно-бела техника за боење. Колор корица која го одразува духот на празничната сезона. Неколку детски песни, исто така авторски дела на Кети Радевска. Боенката беше отпечатена во тираж од 300 примероци и бесплатно поделена на сите деца во градинката „Пролет“.„Како уредник на оваа боенка и претседател на ЛАТЕРАЛ Битола, со огромно задоволство можам да изјавам дека проектот „Шарен свет за најмладите од Битола – Креативен подарок за децата“ совршено ја одразува мисијата и визијата на нашето здружение. Оваа плодна година, исполнета со бројни креативни проекти, ја заокружуваме токму кај најмладите – таму каде што започнуваат првите чекори на инспирација и креативност. Создадовме нешто посебно, уникатно и, пред сè, блиско до срцата на децата. Идејата за оваа боенка произлезе директно од оваа средина. Авторката Кети Радевска, секојдневно опкружена со љубовта и прегратките на децата во градинката „Пролет“, создаде автентичен и креативен подарок за секое од нив. Ние, како Здружение, имавме чест и одговорност да се погрижиме оваа идеја да се материјализира. Беше огромна привилегија да бидам уредник на едно вакво дело, кое веруваме дека ќе ги инспирира идните генерации креативци во Битола. На крајот од годината, со ова дело сакаме да го испратиме празничниот дух со порака за инспирација, радост и нови почетоци. Среќна Нова 2025 година и радосни Божиќни празници“, ни изјави Игор Трајковски Фоја, претседател на ЛАТЕРАЛ Битола. Боенката не е од продажен карактер и се доделува исклучиво како дел од проектот „Шарен свет за најмладите од Битола – Креативен подарок за децата“. Овој проект го слави креативниот дух и ги поттикнува детската фантазија и уметнички таленти. Финансиран е од Општина Битола како дел од програмата „Зимска приказна“. Со ова, Здружението ЛАТЕРАЛ Битола го продолжува својот ангажман во промовирањето на локалните автори и нивните дела, а воедно и во унапредувањето на детската едукација и креативност.