„Шарени ириси“ е сликовница со која се проширува едицијата на сликовниците наменети за деца, со еден необичен, несекојдневен книжевно-ликовен производ првенствено за возрасни. Текстот на Јована Матевска Атанасова и акварелните илустрации на Симонида Филипова Китановска длабоко и лирски продираат во една деликатна семејна состојба во која таткото е слеп и метафорично кажано: живее во очите на својата ќерка. Со многу чувства и со специфичен ликовен сензибилитет, во „Шарени ириси“ истовремено се испишува и се исцртува љубовта помеѓу таткото и ќерката, при што темнината и светлината се во цврста прегратка. Иако сликовницата е за возрасни, со неа „владее“ едно дете, па оттаму можат да ја читаат или да им се чита и на деца.“Шарени ириси” е “приказната за ѕидот или паркот гледан од болничката соба”. Уметничка сликовница која ги спојува лириката и акварелот. Новото издание на Libi е димензијата на ова дело, кое набрзо ќе стане и инклузивна сликовница.
Минатата година Јована ја доби книжевната награда „Пегаз“ за најдобар необјавен роман во 2023 година, за Ракописот „Риба во(н) мрежа“ . Таа е родена во 1991 година, во Битола. По професија е дипломиран и лиценциран психолог. Досега објавила пет книги, меѓу кои: романот „Тамбовските снегови“ (2015), е-романот „Писмата во библиотеката“ (2016), кој е дел од наградените книги на Фондацијата „Македоника“ и УНЕСКО за воведување на млади автори во дигиталното издаваштво, психолошкиот прирачник „Јас во суперлаТИв“ (2021); збирката раскази „Гладоморје“ (2021) и збирката раскази „Три во тринаесет“, за која ја доби наградата „Книжевен круг за проза“ за 2022 година, од друштвото на писатели Битолски книжевен круг .
Добитник е и на повеќе награди и признанија: две откупни награди на конкурсите за краток расказ распишани од дневниот весник „Нова Македонија“ во 2015 и 2016 година, двоен лауреат е на наградата „Живко Чинго“ за 2020 (расказот „Гладоморје“) и 2021 година (расказот „Пура во Осака“), а во 2022 година ја добива првата награда на конкурсот за краток расказ распишан од Фондот на холокаустот, „Раскажи фотографија“. Нејзините раскази се преведени на англиски, српски и албански јазик, застапени во повеќејазични збирки и антологии. Пишува и книжевни и театарски рецензии.