По повод 27 Март – Светскиот ден на театарот, Министерството за култура и туризам упати честитки до сите театарски уметници, професионалци, културни работници и љубители на театарската уметност, кои со својата посветеност ја одржуваат жива оваа исклучителна форма на уметничко изразување.
„Овој ден традиционално се одбележува со порака од истакната светска театарска личност. Годинава, автор на меѓународната порака е Вилем Дефо, кој ја нагласува суштинската улога на театарот како жива уметност што постои единствено преку непосредниот контакт меѓу изведувачот и публиката. Во својата порака, Дефо потсетува дека без разлика на бројот на присутни, токму публиката му дава смисла и живот на театарот. Во време на забрзан технолошки развој и се поизразена дигитална изолација, театарот останува простор на вистинска човечка средба, внимание и заедништво. Тој ја истакнува неговата незаменлива улога во поттикнувањето на критичката мисла, отворањето општествени прашања и поврзувањето на луѓето, заедниците и културите.
Паралелно, македонската театарска заедница преку колективна авторска порака испраќа силна и автентична рефлексија за значењето на театарот во нашето општество. Во неа, театарот е опишан како „магацин со многу крилја“ – простор на слобода, соништа, преиспитување и човечка блискост. Пораката ја нагласува суштинската потреба од театарот како жива и непосредна уметност која не зависи од формата или просторот, туку од искреноста, идејата и заедничкото доживување. Театарот не е совршенство, туку вистина – место каде се отвораат важни прашања, се преиспитува реалноста и се бара смисла во современиот свет.
Воедно, се потенцира важноста од создавање услови за слободен, достапен и праведен театарски простор, ослободен од влијанија што ја ограничуваат креативноста и развојот на уметниците, особено на младите генерации. Светскиот ден на театарот е потсетник дека театарот е повеќе од сцена – тој е жива размена на енергија, емоција и мисла. Тој е простор каде времето запира, а човекот се соочува со себеси и со светот околу него. Овој значаен ден ќе биде одбележан и преку богата програма на театри низ државата со свои изведби и активности. Министерството за култура и туризам ќе продолжи да го поддржува развојот на театарската уметност, препознавајќи ја нејзината значајна улога во градењето на културниот идентитет, критичката свест и општествениот дијалог.
Среќен Светски ден на театарот“.

