Home » Целовечерен концерт на Танец во Битола

Целовечерен концерт на Танец во Битола

by culturalchat

На платото на Офицерскиот дом Битола, во предвечерјето на официјалното отворање на фестивалската програма на 54- тото издание на Фестивалот Илинденски денови, целовечерен концерт одржа и Ансамблот за народни игри и песни – ТАНЕЦ, под мотото „Уметноста на традицијата“.Ансамблот ТАНЕЦ е пример за сите културно-уметнички друштва, дома и во регионот, и затоа во континуитет, ја дава својата поддршка на манифестациите кои го негуваат фолклорниот аматеризам на високо ниво. Оттука, по прекрасниот ревијален вокално-инструментален концерт на јубилејниот 50-ти долненски фестивал „Пеце Атанасовски“,настапот на Галичката свадба, Танец настапи ревијално и во Битола, на покана на организаторите на овој најголем фолклорен фестивал кај нас, воедно и еден од ретките светски фестивали сертифицирани од CIOFF – светската организација која ги обединува чуварите на нематеријалното културно наследство, поддржана од УНЕСКО.  Богататиот играорен и вокално-инструментален репертоар го изведе големиот состав на ансамблот, со вклученост на сите три кора. Па така беа изведени кореографиите: Ѓурѓовден, Мариовска тресеница, Жетварка и најновата кореографија У ливаду, како и орото Копачка. Се претставија и членовите на хорот со Моме оди низ ливада, Коња водам Цвето мори, Посејала баба до три зрна просо, Благуњо Благо мори невесто, Отишло је малој моме, и др.Како специјален гостин настапи и Сузана Спасовска.Битолчани со нетрпение ја очекуваа оваа вечер, затоа што сè уште со воодушевување зборуваат за спектакуларните концерти на Танец на Хераклеа, оној со хрватскиот државен ансамбл Ладо, потоа со нашата гитарска легенда Влатко Стефановски, а секако и на минатогодишниот заеднички концерт во Центарот за култура, со српскиот државен ансамбл Коло. Концертот во Битола е дел од серијата настапи на летните сцени низ Македонија со кои овој ансамбл одбележува 75 години постоење, под мотото: „ТАНЕЦ – 75 ГОДИНИ МАКЕДОНСКИ КОД“.

Related Articles