Home » Хуманоста како приоритет-разговор со писателот Димитри Соле Љубин

Хуманоста како приоритет-разговор со писателот Димитри Соле Љубин

by culturalchat

Во време кога светот го губи своето тло под нозете и луѓето како да подзаборавиле што е емпатија, човечност, повеќе од потребно е да се истакнат оние кои своето его го оставиле далеку зад себе, а хуманоста и помошта кон другите ги ставиле како приоритет.

Оние кои и покрај се не заборавиле која е нашата мисија на земјата, да се биде човек пред се, да се помогне секому и секаде, без многу компромиси и прашања од типот: што ако.., оние кои не потсетуваат секој ден дека со отворени срца може да се избориме со се она околу нас.

Токму сега е периодот да се истакнат тие луѓе, иако тие се најчесто оние кои работат од сенка, далеку од очите на јавноста, скромно и тивко си го чекорат патот на хуманоста.

За една таква личност која на јавноста е позната како писател, како поет, кој со своите дела често буди немирни духови, кој со својата искреност провоцира и ставајќи ја вистината на пиедестал станува мета на критичари, решив да биде денешното интервју и писание, затоа што повеќе од потребно денес ни е да дадеме светлина онаму каде што мислиме е најтемно.

Димитри Соле Љубин е роден во Велес, каде ги завршува основното и гимназиското образование, за потоа да продолжи на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Универзитетот во Перуџа, Италија. Се стекнува со титулата Професор по италијански јазик и книжевност и македонски јазик. Учествувал на повеќе фестивали и поетски средби во земјата и во странство. Во 2010 година е единствен претставник од Балканските земји на реномираниот фестивал Самерлид во Стразбур, каде се претставува со огромен успех. Тиражот од неговите „Соларни симболи“ – Макавеј 2004г.,„Нож и пердув“ – Антолог 2010г. и „Калина и бикот“ – независно издание 2014г. е целосно распродаден. Во меѓувреме се создадени и романите „Коски“, „Милиметар“ и „7 Векови на Малта/Прозорците“, како и поетската збирка  „Во Софиските градини – Рајски дворови“ кои се`уште не се објавени. Во моментов работи на „Светата Земја“ и на „Миракули“.

Работи бесплатно со сите родители кои имаат деца со аутизам како советник, донира библиотеки, обезбедува училишен прибор, образование и многу повеќе.

„ Сфатив  дека секој заслужува да живее, да се описмени, да облече чисти алишта, па и да седне во ресторан и да биде почитуван. Едноставно, уште од дете, научив да делам. Колку и да имам. Малку ил многу “, вака го започна разговор со нас Љубин.

Со цел будење на колективната свест и општествената одговорност и надеж дека ќе мотивираме поединци и групи на допринос кон помагање на поебно ранливи групи од општеството, поразговаравме со него за неговата хуманост. А зошто?, Ќе прочитате во продолжение.

Иако сите те препознаваат како писател има една странакоја вешто ја криеш од сите а заслужува да биде високо напиедестал. Имено школуваш деца кои немаат можност одродителите да се школуваат. Кажи ни нешто за тоа.

Д.С.Љ.- По природа, јас, како писател/поет/уметник/, а и како човек воопшто, никогаш ништо не кријам. Секогаш говорам и пишувам јасно и гласно. Но, едноставно, има одредени нешта за кои – ниту чувствувам потреба, ниту пак мислам дека треба да се говори толку многу јавно. Не секогаш човек треба да повика десетици телевизии, сниматели и новинари, за да се „пофали“ дека направил нешто добро, или помогнал некому.

Во тој случај, јас би требало да бидам секој трет ден на телевизија во последниве 20 и повеќе години, што за мене е неприфатливо, дури и апсурдно. Многу одамна, дури и во однос на своето творештво, кое е веќе огромно, препознаено и кај нас, а и многу пошироко, одлучив дека треба да го зачувам својот личен спокој и творечки мир, па, многу ретко се појавувам на телевизии, печатени или електронски медиуми. Секогаш сум достапен за своите читатели и за сите луѓе на кои можам да им помогнам на било каков начин, но, не пред камери, и не – со пофалби, возгордејување и самобендисување.

Мислам дека целта, ниту на писателот/уметникот, ниту на човекот кој помогнал некому, никогаш не треба, и не смее да биде да се самопофали за она што го создал/напишал, или го сторил за некого. За пишаното – треба да зборуваат критичарите и читателите, за подадената рака – оние на кои им било помогнато. И толку. Едноставно е.

Дури и во овој случај, во ова интервју не ќе говорев јавно, доколку не го побараше токму ти, и доколку целта на самото интервју не беше поттик за будење, реакција, и на одреден начин – влијание врз колективната свест во Македонија, која за жал, одамна, а особено во изминатиов период со Ковид пандемијата и глобалната криза, целосно е изгубена.

Луѓето заборавија да бидат луѓе. Во помалку од три години. Дали биле претходно, не знам, но, мојот впечаток е дека во мигов, сѐ е целосно исчезнато, изместено, да не речам налудничаво, па дури и зло.

Јас, за среќа, останав сосема истиот. Онаков каков што сум бил отсекогаш. Дури, мислам дека станав и подобар, и поскромен, и почувствителен кон оние кои имаат помалку и на кои им треба помош. Не дека јас имам, или сум имал многу. Едноставно, уште од дете, научив да делам. Колку и да имам. Малку ил многу. Така започна и ова, пред дваесетина години и повеќе, откако се вратив од студии во Италија, па и потоа, откако пропатував многу, видов многу, научив како е да се живее и со многу, и со малку. Но, пред сѐ, сфатив  дека секој заслужува да живее, да се описмени, да облече чисти алишта, па и да седне во ресторан и да биде почитуван. Иако е ром, на пример. И да не се срами од тоа.

Така некако всушност сѐ започна, не помнам точни датуми ил години, бидејќи се поминати многу. Голем дел од тие деца се веќе возрасни, некои се отселени во Скопје па и подалеку, надвор од Македонија, некои дури се и во брак и имаат свои деца, но, секогаш со радост се среќаваме и се смееме за она што поминало, кога било најтешко.

Од каде и од кога потекна оваа идеја?

Д.С.Љ.- Јас, како писател, иако имам неверојатна слоновска меморија и го помнам и она што никој не го помни, најчесто, со датуми и години, тешко се снаоѓам. Па и со имиња. Морам да си признаам, колку и смешно да звучи тоа. Понекогаш, знам луѓето и по три пати да ги препрашам како се викаат, а многу често и да ги викам со име кое не е нивно, бидејќи мене некој ми личи на Давид, а се вика Карло илиАлександар, или девојка која ми личи на Марија, а се вика – Ленче, на пример.

Значи, точен датум немам, ниту некоја особена причина. Знам само дека првото семејство за кое се грижев беше на една мајкичка, женичка со пречки во развојот, која беше физички малтретирана од сопругот и присилувана секојдневно со своите бебиња и деца да проси на еден огромен студ. Најмалото бебе се викаше Амин. Тоа го помнам. Јас, секојдневно им купував млеко и сѐ што им беше потребно, дејствував секаде каде што можев преку социјалните служби, и после подолг период, успеав да издејствувам да се преселат во Скопје, таа да биде заштитена од нападите на сопругот, а децата да бидат згрижени и описменети.

Тоа и се случи. Таа еден ден ми пријде во МКЦ, ме бакнуваше, се радуваше, ми раскажуваше како ѝ е сѐ помирно, поспокојно, дека децата пораснале, а таа, се вработила некаде со помош на брат ѝ.

Неколку години подоцна, ми се случи еден од најсреќните мигови во мојот живот. Чекајќи автобус за Белград на автобуската станица во Скопје, ми пријде едно стројно, високо момче, со пиво и хамбургер во рака. Амин – бебето кое го спасив од улица, пораснало, спечалило, и дошло да ме почести. Јас, никогаш не ќе го препознаев на улица, оти децата се менуваат многу при растењето, ама ние, возрасните, остануваме исти. На одреден начин.

Нема зборови со кои може да се опише тоа чувство. Не постојат зборови. Му реков дека хамбургерот треба да си го изеде тој, пивото го прифатив за да не го навредам, се смеевме долго, јас го советував за потаму, а тој ми помогна со куферите.

Значи, ако прашањето е од кога, ќе да се минати 23 години, најверојатно.

Колку деца до сега имаш исшколувано?

Д.С.Љ.- Искрено, не знам. Во бројки. Минатата недела го запишав Јусуф во прво одделение, на негови 11 години. Пред три години – Усеин, Алмедина и Медина. Понекогаш тоа го правам јас лично, понекогаш ги упатувам родителите да се обратат каде што треба, па јас само асистирам преку одредени служби. Потоа, се грижам секогаш да имаат прибор, тетратки, учебници, чиста облека, понекогаш сам, понекогаш со помош на мои пријатели и пријателки кои безрезервно ме поддржуваат во сѐ.

Не успеваме секогаш. Бидејќи се работи за различни семејства, некои прифаќаат, некои, едноставно се откажуваат, мислејќи дека е подобро децата да работат, отколку да се школуваат. Тешка е битката, и не е секогаш рамноправна. Но, секоја битка мора да се војува, па најчесто, извлекувам некој мудар, дипломатски баланс помеѓу моите очекувања, очекувањата на родителите, и секако, помошта и можностите кои може општеството да им ги понуди.

Па, најчесто доаѓаме до некој „разумен компромис“ – што би рекле нашите политичари.

Останувате ли во комуникација кога ќе пораснат?

Д.С.Љ.- Е, ова е најубавото прашање! Да. Со сите. Особено со едно семејство за кое се грижам во последниве 10 години. Мајка, татко и 17 деца. Со осумнаесетто на пат. И две внучиња. Имињата не можам на сите да им ги научам со години, оти ми се премногу. Момчево што е на пат, ќе го крстеле по мене. Ете, толку се тие добри кон мене, тројно отколку што јас сум добар кон нив.

Дури и со оние кои не сум успеал да ги запишам на училиште од одредени/најчесто финансиски причини/проблеми со возраста во системот, јас сум секојдневно заедно, на различни начини.

Ги описменувам, ги учам да говорат италијански, француски, англиски, сите знаат да ловат риба бидејќи со години одиме заедно на риболов, сите знаат да готват, бидејќи со години јас одам во нивниот дом со полни торби -па сите готвиме, ручаме и пееме заедно, тие ме научија да говорам и да пејам на ромски, па често знаеме и крај река, и на улица да викнеме гласно некоја песна од Есма Реџепова. Нема празник христијански, а родителите да не ми подготват некој чуден, убав подарок, кој јас секогаш со најголема среќа го прифаќам.

Поголемите тинејџери се многу вредни деца, па често ми помагаат и при реновирање во мојот дом, нивните родители им забрануваат да ми наплатат, а ниту тие не сакаат да си дозволат, па јас, најчесто, освен што ќе им обезбедам ручек или вечера, им подарувам фраерски кошули, маици, фармерки, парфеми, за да бидат – ИН.

Тоа што тие го сакаат. Како и секој друг тинејџер. Многу често, знам да ги поканам на ручек во некој скап ресторан, онаму – каде што тие мислат дека не смеат да влезат, она што мене неверојатно ме вознемирува, а нив, ги потиштува, велејќи ми постојано – ние сме „цигани“, овде не нѐ пуштаат. Јас ги научив дека тие не се „цигани“, и дека – имаат право секаде да влезат, и секаде да бидат послужени, кога нешто е чесно заработено ил платено. Мислам дека тука ми е најголемата среќа. Моја и нивна.

Денес иако ги имаме сите можности за развој и убав живот, некако како она што е најважно емпатијата и помагањето на другите да замрело. Што мислиш по ова прашање?

Д.С.Љ.- Сѐ што погоре напишав, би одело во прилог на твојата констатација. Дека – луѓето, заборавија да бидат луѓе. Но, еве, јас одбивам да бидам нечовек. Му пркосам на светот и векот.

Јас им ги бришам солзите и мрсулчињата на најмалите со влажни марамчиња. Големите, родителите, ме замолија за кревет и електричен шпорет. Им подарив, без никој да знае.

Деновиве ќе им подарам и фрижидер, иако им се закануваат дека ќе им го одземат домот, за што – од денес, ќе треба дополнително да интервенирам. Не знам и не можам да разберам, зошто луѓето не знаат да сочинат некому среќа. За миг. За ден. За навек.  Што е тоа што толку зли ги направило, не разбирам.

И, едноставно, не прифаќам. Зошто мојот/твојот/нечиј дом треба да биде на 1900м. квадратни, полн со сѐ, претрупан, со слугинки, батлери, чувари и шофери, а некој – да преживува во две соби со 17 деца?! Едноставно, не разбирам. И одбивам да го прифатам. Иако сум опкружен цел свој живот токму со такви личности.

Иако имаше можност да останеш во Перуџа и Лондон, но и многу други земји, се одлучи да се вратиш и да твориш во Македонија . Што најмногу ти недостигаше од нашата држава тогаш и зошто се одлучи за тоа?

Д.С.Љ.- Мене, отсекогаш ми тежел каменот – да бидам свој на своето – спокој да имам, што би рекле нашите стари. Особено, баба ми Љуба, по чија смрт, јас го сменив личниот потпис во Љубин, и го нагазив татковиот потпис и презиме.

Пред некое време, внук ми Лука (13г.), побара да ги погледне сите мои пасоши – кои се уредно архивирани, како и сѐ друго.

Ги разгледувавме три часа. Сите мои летови, бродови, возови, автобуси, визи, од не знам колку држави.  Ми рече – па ти, вујче, имаш две американски визи, ваму не знам колку земји си поминал, и седиш во Велес?! Не си нормален! Му реков – кога ќе ги поминеш ти вујка сите овие земји, и кога ќе научиш, колку што јас знам, тогаш ќе седнеме и ќе разговараме, кој е нормален, а кој не. Јас, во секој миг, можев, можам, и ќе можам да си заминам онаму каде што би посакал. Но, луѓето, оние кои речиси и не биле подалеку од Врање и Лептокарија никогаш, никогаш и нема да ме разберат – зошто јас не живеам во Стразбур, Њујорк, Рим ил Лондон.

Оти тие ги доживуваат само како холивудски приказни, а не – такви какви што се.

Често пишуваш и за македонската историја. Кои личности најмногу те мотивираат?

Д.С.Љ.- Тешко прашање за да се даде краток одговор. Бивајќи лингвист по професија, а, писател/поет по природа и раѓање, јас, не би ни можел да не истражувам. Никогаш не сум изнел факт, па дури и во своите романи, кој не е проверен најмалку од три извори. Ја познавам сета династија и кралство од Александар Македонски до Клеопатра, ќерката Птоломејова. Ја познавам сета хеленска и старословенска митологија, во детали, сиот развој на христијанството во Македонија, сета Виа Игнација и Виа Милитарис од Рим до Константинопол кои се сечат токму низ мојот Велес преку Муниципиум Стобенсиум, ги познавам речиси сите клисари и свештеници во сите цркви во Македонија.

Ако треба да изберам некој меѓу нив, тогаш, тоа би бил најпвро Хефастион, личниот аѓутант на Александар, потоа Перун – громовникот во старословенската митологија, оној кој го чува мојот град каде што живеам и води војни со Волос, и на крај – би го ставил Хермес, гласникот Зевсов од хеленските митологии, оној – кој смеел и на небото, и на земјата. Ко што сум и јас.

Често објавуваш и делови од необјавениот роман Коски. Имаш ли план за објавување наскоро?

Д.С.Љ.- „Коски“, за жал, е веќе трет необјавен роман, од она што го работам од 2014г. наваму. В исто време, го напишав и „7 Векови на Малта/Прозорците“ и „Милиметар“. И една збирка поезија „Во Софиските градини/Рајски дворови“ со над 300 песни, напишани од 2006г., до денес.Во моментов работам на „Светата Земја“ и на „Миракули“.

И покрај тоа што сите мои претходни романи, не беа финансирани од мојата земја, а веќе се стигнати многу далеку, јас, сепак ќе останам трпелив, и ќе најдам модус да ги издадам и да ги раскажам пред својата публика.

Тоа, можам да го ветам. Времето – не. Но ветувам дека ќе бидат објавени.

 

Related Articles