Во пресрет на 43-от роденден на Тодор Проески, ќе се реализира хуманитарна продажна изложба на уметнички слики, нацртани на камена плоча со акрилни бои. Колекцијата се вика „Срцето не е камен“ (Срце није камен), според песната на Тоше и веќе е поставена во Спомен куќата во Крушево.
Уметничките слики изработени се од вредните раце на Светлана Зуламоска Грозданоска, уметник, стилист која веќе подолго време е позната по своите творби пред македонската и пошироката јавност, како гостин во емисии за светски таленти, на Руската и други светски телевизии и портали по социјалните мрежи. До пред извесен период Светлана беше позната по изработката на портрети на познати јавни личности од коса, меѓу кои посебно беше изведбата на портретот на Тоше.
„Нацртав една слика со Тоше, а потоа кај мене дојде една жена, која е водич во музејот. Ѝ ја покажав сликата, ѝ се допадна, се договоривме да ја покаже на директорката на Спомен-куќата и така се договоривме да изработам повеќе и да се одржи изложбата“, вели Грозданоска. Каменот го набавува од селата Бирино и од Мариово, од стари, распаднати куќи. Освен портретите на Тоше, таа слика и други мотиви на камен, кои се најчесто од природата.
Ако успее да ги продаде делата, таа вели дека ќе продолжи да црта и да му помага на истото дете. Вели дека како мајка на 26-годишен син и ќерка од 21 година сега е послободна и по завршувањето на обврските во фризерскиот салон, може повеќе да се посвети на цртањето.
„ Почнав да правам ликови од коса пред пет години и досега имам направено околу 50 портрети. Ги направив Игор Џамбазов, Лила Филиповска, Кире Лазаров, Мајкл Џексон и многу други, а првиот портрет кој го направив е на Новак Ѓоковиќ. Тоа се портрети од околу два метра кои стојат на почетокот од салонот, а ги правам од косата од муштериите. Кога ќе влезат муштерии, некои на почетокот не можат да ги препознаат ликовите, а јас им велам да погодуваат. Понекогаш, ги оставам да стојат и по 2-3 дена. Многу би сакала да имам и изложба со цртежите од коса, но за тоа треба да се најде соодветен простор“, вели Светлана Зуламоска-Грозданоска.
Моментално нејзината креативност и умешност е на повисока инстанца, ликот на Тоше со акрилни бои на камена плоча, од кои 12 нејзини дела се изложени во Спомен куќата и посетителите може да ги видат. Изложбата е од продажен карактер, со продажни цени и со правила за наддавање на истите кои дополнително ќе бидат објавени. Сите собрани парични средства Светлана, хуманитарно ќе ги донира, за медицински третман и лекување на болно дете. Со согласност на родителите, дел од паричните средства ќе бидат донирани за лекување на малиот Војдан Спасовски.