„Внимателно спакувана музичка разгледница, колорит од хитови од сосема различни музички стилови, кои вешто се прелеваа една во друга, а сепак раскажуваа една приказна, онаа на генерации растени со поп, рок, шлагер, етно, класика, хор кој е огледало на заедницата, рефлексија на битот на живеење, тоа е BITVOX“, стои на страницата на Културно информативниот центар каде синоќа со два концерти, насловени како ,,BITVOX OUT OF BOX”, во Свечената сала на Офицерскиот дом, хорот ја растрепери битолска та публика, покажа уште еднаш дека секогаш ќе има некој кој ќе ја испее битолската приказна.Всушност со концертите се одбележа вториот роденден на BITVOX , составен од 40 -тина аматери, кои не читаат ноти, сите композиции ги учат по слух и напамет, а некои од нив за прв пат излегуваат и на сцена. Единствен по својот вид во Македонија и уникатен во својата програма и начин на работа. Сите аранжмани и разучувањето на композициите за хорот се мајсторско дело на пијанистката Александра Ристовска, додека идејниот креатор, вокалната подготвеност и интерпретација на хористите е дело на Марина Коруновска. Еден поинаков концерт, осмислен надвор од рамките на класичната и поп-рок музиката, на кој прозвучија во ново руво делата на Bach, Vangelis, ABBA, Alice Cooper, Chopin, Billie Idol, преку Liebertango во спој со Танго од Негатив и Моја гитара _ Гиш, Albinoni и Stairway heaven, O fortuna i Почесна стрелба- Мизар со кулминација во сплетот Самовилска свадба и Македонија ( во хрватска и македонска верзија), во еден здив од 40-50 мин. А на крај, публиката ги награди музичарите со долготрајни аплаузи и стоечки овации.За концертите, сеуште под импресии, диригентката Коруновска ни рече:
„ Прекрасната сала на Офицерскиот дом, пулсираше во ритам на убавина и сплотеност. Со овие концерти ја започнуваме и програмата за поддршка на исклучително талентирани деца, така што дел од средствата од СИТЕ наши концерти, ќе бидат ДОНИРАНИ за финансирање на талентираните деца, кои ќе бидат избрани според строго определени критериуми, кои се објавени на страната FB Korunovska music & singing“.
Овие два концерти беа настан за кој уште долго ќе се прераскажува. Оние кои некогаш макар и за кратко биле дел од хор, знаат што значи заедничкото музицирање, енергијата која се создава и пред се, дружењето за време на самите проби и концерти, кое е тешко да се опише со збор додека не се почувствува.При изборот на песни се водат од квалитетот на музиката, можноста да се направи добар аранжман на истата, па потоа доаѓа разновидноста во однос на јазикот. Коруновска е директор на центарот за музичка едукација Korunovska singing & music, во кој егзистираат повеќе хорски состави.
Фотографии: Сашо Ставрев КИЦ и приватна архива Марина Коруновска