Денес со почеток од 19 часот во Кристалната сала на КИЦ, Офицерскиот дом во Битола, битолскиот фотограф Сашо Ставрев, ќе ја претстави фото изложбата посветена на 45 годишнината од Интернационалниот Фестивал на филмската камера„Браќа Манаки“. Истата содржи повеќе стотици фотографии кои низ 28 паноа го прикажуваат развојот на Фестивалот
до едно високо ниво во светот на кинематографијата, престиж и чест за оној кој дошол со филм во конкуренција или дошол да биде во жири кое ги оценува најновите филмски остварувања. Фестивалската палата низ годините, статуетките на Фестивалот, лауреати и различни филмски работници од целиот свет, филмаџии и филмски ѕвезди, филмски режисери и оскаровци, се на менито на фото изложбата на која се доловени и моменти на заедничко дружење, интересни моменти од повторното доаѓање низ годините, генерации на филмаџии „татко и син“, селфи фотографии, амбиент, автограми и мастер класови и сите информации за добитниците на наградите на животно дело, како и наградите „Камера 300“.
Овој проект е поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Македонија, како проект од национален интерес.

 
														
 
                