Home » Фестивалот „Охридско лето“ го прослави својот 62.роденден

Фестивалот „Охридско лето“ го прослави својот 62.роденден

by culturalchat

Со спектакуларно шоу на Фламенко балетот „Луксуриа“ од Шпанија, фестивалот „Охридско лето“ на Античкиот театар го прослави 62-от роденден.

Бројни љубители на уметноста уживаа во ритамот и емоцијата на музичарите и танчерите од шпанскиот Фламенко балет „Луксуриа“, во одличната кореографија и перфектната изведба.

На почетокот на концертот се обрати Амбасадорот на Кралството Шпанија во Република Северна Македонија, Хозе Луис Лозано Гарсија.

-Амбасадата на Шпанија е спремна да продолжи со зајакнување на одличните односи со оваа пријателска земја Македонија, зајакнување на културните односи меѓу нашите две земји, и поконкретно со прекрасниот град Охрид,  рече амбасадорот Хозе Луис Лозано Гарсија и додаде: Амбасадата на Шпанија во Скопје со години соработува со фестивалот со цел да ги претстави шпанските музички уметници на овој престижен фестивал и во неспоредливиот амбиент на Охрид, средина класифицирана од УНЕСКО како заедничко наследство на човештвото. Чест е за Амбасадата на Шпанија да биде дел на овој меѓународен фестивал. Благодарност до организаторите и градот Охрид и државните субјекти кои соработуваат, особено Претседателот на Републиката и Министерството за култура.

Директорката на Фестивалот, Наташа Поповиќ, истакна дека огромна е почитта кон сите кои ги вложија своите напори и направија летните фестивалски вечери веќе 62 години да бидат вистинско уживање за љубителите на високата уметност.

-Денеска ги славиме годините испишани со богата историја со славни имиња од светската музичка елита и врвните театарски креации. Денеска ја празнуваме уметноста, рече Поповиќ.

Четврти август, денот кога започна „Охридско лето“, денот кога и се поклонуваме на оперската дива Ана Липша Тофовиќ,  го славиме со огромна возбуда но и одговорност пред сѐ поради значењето и големината на оваа наша најголема музичко-сценска манифестација. Низ годините, тука, на фестивалската сцена настапиле најзвучните имиња од светот на музиката и театарот. Звуците на класичната музика во прекрасната Света Софија, грандиозните дела на неповторливиот Антички театар и квалитетните и атрактивни театарски претстави, се само доказ дека во древниот Охрид повеќе од половина век се негува музичката и театарска совршеност.

Над 1000 уметници, актери, театарски работници, солисти, хористи, музичари годинава, на 62-то фестивалско издание ја вознесуваат убавината на уметноста и создаваат магија во која уживаат бројни љубители на уметноста.

Фламенко балетот „Луксуриа“ на публиката по повод 62-от роденден на фестивалот „Охридско лето“ ѝ приреди незаборавна вечер донесувајќи на сцената  свет исполнет со напнатост, интриги, љубов, страст, лојалност и трагедија, но и нови иновативни комбинации на традиционалното и модерното фламенко.

Како што истакнаа на роденденската прес-конференција селекторките на музичката и на драмската програма на фестивалот „Охридско лето“, Бисера Чадловска и Сања Арсовска, досегашните концерти и театарски претстави на 62-то издание донесоа многу возбуда кај публиката токму заради нивниот квалитет.

-Досега имавме многу успешни концерти со прекрасни уметници кои гостуваа од целиот свет како и од нашата држава. Се радуваме на нивните успеси и на преполната сала каде што се одржуваат нашите концерти. По настапот  на Фламенко балетот „Луксурија“ нѐ очекуваат исто така успешни концерти. Се радувам кога се случувааат вакви успешни фестивалски денови и сметам  дека овој фестивал е многу значаен за нашата држава како една културна традиција која ќе продолжи со ист ваков успех и интензитет, истакна селекторката Чадловска.

Селекторката на драмската програма, Сања Арсовска честитајќи му го роденденот на  „Охридско лето“, подвлече дека фестивалот е пристаниште за најквалитетните театарски креации.

-Благодарение на „Охридско лето“, Охрид изминативе денови беше пристаниште на најдоброто од дома, на најквалитетните театарски претстави, на микс на драмски стилови и сценски јазици, наративи со коишто покажавме дека театарската уметност дише значајно, силно и здраво. До крајот на ова фестивалско издание ни  остануваат уште неколку театарски претстави коишто ќе се закотват на нашето театарско пристаниште. Би сакала да му го честитам 62-от роденден на „Охридско лето“ и да посакам да  продолжи да сјаје најсветло помеѓу меѓународните фестивали од ваков тип, додаде селекторката Арсовска.

Хаиме Транкосо  од менаџментот на Фламенко агенцијата се заблагодари за организацијата на нивниот настап, на директорката Наташа Поповиќ и на амбасадата на Кралството Шпанија.

-Привилегија е да се настапува на 62-годишнината на фестивалот, а исто така за нас е важно што овој перформанс го подготвувавме уште пред пандемијата и дојде време кога ќе го прикажеме на сцена, рече Транкосо.

Главните танчери беа Давид Гутјерез и Паула Рејес.

-Нашите импресии се волшебни. Воодушевени сме од Охрид, но и од климата бидејќи Шпанија во моментов се соочува со топлотен бран. Голема благодарност до организацијата на фестивалот и до Амбасадата на Кралството Шпанија за да се реализира проектот. Она што публиката имаше можност да го погледне е изведба на класично фламенко со модерни примеси, изјави Гутјерез.

-За нас беше значаен концертот во Охрид  бидејќи настапувавме пред нова публика и на нова сцена, додаде Рејес.

 

Related Articles