Home » Успешно 11.издание на фестивалот „300 Работи, Триста“

Успешно 11.издание на фестивалот „300 Работи, Триста“

by culturalchat

Со проекцијата на краткометражниот игран филм „Синиот час” на Ана Јакимска во просторот пред Радост, официјално беше затворено годинешното издание на фестивалот „300 Работи, Триста“.Покрај филмот беше промовирана и книгата – „Колегиумски записник 010“, збирка на литературни дела, фотографии, дизајни и цртежи. Овој зборник е продолжение на низата „Колегиумски записници и тоа: 1, 2, 3, 4, 5, 6, 7, 8 и 9. Целиот настан беше музички пропратен со настап во живо на Box Beater.

Официјалното отварање на фестивалот беше на 10-ти Август со успешна битолска премиера на филмот „Некрстени денови“ (Ballad of Piargy, 2022), дело на нашиот познат и признат режисер Иво Трајков, во исполнетото со публика кино Манаки.

Следниот ден беше резервиран за промоцијата на книгата „Прирачник за сценаристи: Навигација низ световите на документарни и играни филмови“ на Игор Трајковски Фоја, од рецензентите Иво Трајков, Томаш Петрањ, Антонио Митриќески и Сашо Кокаланов, во Офицерскиот Дом.

Промотор на книгата беше нашиот познат и признат актер Марјан Георгиевски. Покрај промоцијата на оваа дело, беше отворена и ликовната изложба – ЛИМИНАЛ, од младата и преспективна авторка, Јана Танчевска. Овој настан музички беше збогатен со изведби на класична музика од Николче Петкоски.

11. издание на фестивалот “300 Работи, Триста” помина во одлична атмосфера, рушејќи ги бариерите помеѓу публиката и уметниците. На настаните се воспостави комуникација помеѓу дебитантите млади уметници, истакнатите уметници и широката публика.

Организаторите Игор Трајковски Фоја и Латерал Битола, изразија благодарност кон подржувачите на фестивалот: Општина Битола и Министерството за култура, КИЦ Битола, со посветениот и професионален тим и отстапување на просториите во Офицерскиот дом и Киното Браќа Манаки, Сфера која помогна со своите волонтери, Владимир Михајловски кој беше задолжен за отворените кино проекции, компаниите ГРАФО ПРОМ, Би Милк АД Млекара Битола, какоми до сите подржувачи, уметници, изведувачи, гости и пријатели кои низ годините помогне да дојдеме до ова ниво на фестивалот.

Фестивалот „300 Работи, Триста“ е една од поистакнатите културни манифестации во Битола и регионот, која веќе привлекува бројни посетители и учесници. Досега, фестивалот ја имаше честа да прими повеќе од 180 уметници од различни делови на светот, меѓу кои и Р. Србија, Албанија, Франција, Италија, Грција, Шпанија, Чешка, Словачка, Естонија, Финска, Индија, Р. Кина, САД, Канада и други.

Оваа богата и разновидна лепеза на уметници ја прави оваа манифестација една значајна културна одредница која го збогатува културното битисување на Битола.

 

 

 

 

Related Articles